Се станува ли милијардер со напорна работа?

Пааа… не баш.

Прекрасно е да се живее во денешницата. Ако сакаш нешто да постигнеш треба само да го наумиш, ако сакаш да си богат треба само напорно да работиш, а ако си сиромашен кривицата е само твоја. Барем така нé учат еден куп успешни мотивациони автори чиј единствен успех во животот е што набавиле фино сако за на корица и напишале по две-три книги за тоа како се станува успешен; или луѓето кои да, успеале да станат богати, но го занемаруваат фактот што притоа имале многу среќа.

Кога еден обичен смртник одби слепо да поверува во ваквите мантри и реши да побара „второ мислење“ на Quora на темата „Дали напорната работа ќе те направи милијардер“, одговор, меѓу другите, му пиша и Џастин Маск – канадска писателка, првата сопруга на Илон Маск.

„Не“, вика Џастин.

Еден од многуте квалитети кои ги одделуваат самонастанатите милијардери од останатите од нас е нивната способност да ги поставуваат вистинските прашања.

Ова не е вистинското прашање.

(Што не значи дека е лошо прашање. Само што нема да те однесе до тој длабок дел од мозокот кој работи за да ти помогне – кој преџвакува информации кога мислиш дека мислиш на нешто друго – и ти праќа искри на генијалност).

Одлучен си. Па што? Уште не си запливал гол во морето полно со ајкули. Дали ќе бидеш подеднакво одлучен кога ќе заринкаш на некој пуст остров, дезориентиран, крвав, искинат, и изморен, зјапајќи во хоризонтот на кој нема ни трага од спас?

Живееме во култура/општество што ја слави посветеноста и напорната работа, но треба да разбереме: ова се истите квалитетите што те тераат да ја играш играта дури и кога сите други веќе ја напуштиле, или до моментот кога некој поголем и посилен од тебе ќе те „собере“ и ќе те фрли назад во морето.

Упорноста и напорната работа се неопходни, да, но тие се минималните побарувања. Во смисла: самиот минимум.

Еден куп луѓе работат екстремно напорно и не по нивна вина – имаат лоша среќа, околината е погрешна, несреќни околности – завршуваат борејќи се да преживеат.

Е па?

Пренасочи го фокусот од тоа што го сакаш (милијарда долари, ете), и длабоко и интензивно заинтересирај се за тоа што сака светот и што на светот му треба. Запрашај се дали можеш и имаш да понудиш потенцијал што е толку уникатен, посакуван и од помош (за другите), што ниту еден компјутер нема да може да те замени, никој нема да може да те помине со ресурси, никој нема да може да ти го украде продуктот и да го подобри или да те шутне во заборав.

Потоа развиј го тој потенцијал. Избери едно нешто и стани најдобар во тоа. Избери и друго нешто и стани најдобар и во тоа. Кога ќе станеш владетел на два света (да речеме инженеринг и бизнис), можеш да ги споиш на начин што а) ќе си нудат “жешки“ идеи еден на друг, ќе имаат идеен секс и ќе раѓаат идејни бебиња што никој порано ги нема видено; и б) ќе создадеш конкурентна предност која ќе произлезе од твојата привилегија да „шалташ“ меѓу двата света, да ги зборуваш двата јазика, да ги поврзеш племињата, да ги помешаш елементите за да предизвикаш свежи креативни искри, додека еден ден не се разбудиш со просветлението што ќе ти го промени животот…

Светот не фрла милијарди долари кон некој човек само затоа што тој човек тоа го сака, или работи многу напорно, или смета дека тоа го заслужува. На светот не му е гајле што сакаш или што заслужуваш. Светот ти дава пари во замена за нешто на што гледа како нешто со еднаква или поголема вредност од парите што ќе ти ги даде. Нешто што ќе трансформира некој аспект на културата, ќе даде твист на некоја позната приказна или ќе претстави нова, ќе го смени начинот на кој луѓето мислат околу таа категорија, и ќе воведе негова корист во секојдневниот живот.

Не постои истапкана патека, не постои шема за ова; многу луѓе ќе ти дадат многу совети, и најголем дел од нив ќе бидат лоши. Дел од нив ќе бидат и добри, но на крај ќе мораш да увидиш дека не се однесуваат на тебе бидејќи ти доаѓаш од неочекувана перспектива. На крајот сé ќе правиш сам, и сé така додека не ја развиеш харизмата и кредибилитетот да го привлечеш потребниот талент да дојде кај тебе.

Сума сумарум, имај многу храброст. Ќе ти треба. И со среќа. И тоа ќе ти треба.

- Реклама -