Зошто мачките се заглавуваат на дрво?

За вовед, веројатно најлудото видео од спасување на мачка во историјата, каде ако не во Русија.

Што е проблемов со мачките? Ако можат да се качат до 5-ти спрат, зошто не можат да се симнат?

Простиот одговор е, можат. Ама проблемот е што многу од мачките не знаат како. Кога би се симнале назадечки – со газот надоле, сé би било во ред. Ќе биде бавно, ќе им биде чудно и страшно, ама можат. Само што, природната тенденција на многу мачки е да се симнуваат главечки. Секаде одат со главата напред, па  така им доаѓа и да се симнуваат од дрво.

Вистинскиот проблем е во шепите на мачките. Ноктите им се закривени кон назад, па им служат како супер куки кога се качуваат по дрво. Едноставно се закачуваат со „канџите“ во пукнатините на кората и се подигнуваат. Но кога се обидуваат да се симнат главечки, ноктите сега им се закривени нагоре, што ги прави речиси бескорисни за да можат да се симнат безбедно по дрвото. Кога мачката ќе се обиде да се симне на тој начин, лесно насетува дека ќе падне, па се повлекува. Секогаш кога ќе проба да тргне главечки надоле, исходот е ист. Од друга страна, или мачката не знае да се симне назадечки, со газот надоле, или премногу е исплашена да се обиде. Во таква ситуација не знае што да прави, па едноставно останува каде што е. Може евентуално да отиде до крајот на гранката или да се качи погоре, или да се симне некоја гранка подоле ако гранките се блиску. Ама кога не се, не се обидува да се симне по стеблото, бидејќи знае дека ќе падне.

Е сега, сигурно сте виделе верверичка додека се симнува по дрво со главата надоле, и сега се прашувате зошто тие можат, а мачките не. Фората со верверичките е што имаат специјална предност што мачките ја немаат. Нивните задни нозе имаат зглоб што може да ги ротира канџите до степен кукастите нокти да им бидат свртени надоле, без оглед на тоа како им е насочено телото. Кај мачките тоа го нема, па мораат да се симнуваат исклучиво наназад.

Ако имате мачка, еве ѝ едно едукативно видео за тоа како да се симне (појма немаме дали така функционира едукација на мачки, ама сеедно):

Сте виделе ли некогаш костур на мачка на некоја висока гранка?

Многу луѓе, кога ќе се пожалите дека има мачка заглавена на дрво, ќе ви речат да не се секирате, да почекате, и дека мачката сама ќе се симне. „Си видел некогаш костур на мачка на некоја гранка?“, ќе ви аргументираат, а вие ќе им поверувате дека има логика.

Ама нема. Ич нема. Од повеќе причини.

Импликацијата од таквиот аргумент, логично гледано, е дека мачката сé уште не се симнала просто зашто сака да е таму, или затоа што не е доволно мотивирана. Но, демек, штом ќе реши да се симне, ќе се симне. Контра на овие претпоставки е фактот што многу мачки седат со денови, ако не и недели, на дрвото на кое се заглавени. Поминуваат со денови без храна, вода (ако не врне), без место за нужда, без удобно безбедно место за спиење без страв од паѓање, и сé ова често на незгодни температури и во услови на дожд и снег. Зошто мачка би избрала да го прави тоа? Зошто тоа не ја мотивира доволно?

Имавме скор пример кога зимата донесе ниски температури и многу дожд. Имаше мачка што остана заглавена на дрво цели две недели токму во тој период. Никој не може д арече дека мачката уживаше таму на гранката, или дека едноставно не била мотивирана да се симне. Не е мотивација тоа што ѝ недостасува на мачката, туку чувство на сигурност.

Да бидеме фер, дефинитивно е вистина дека некогаш мачка ќе се симне самата. Не знаеме како точно се случува тоа, но знаеме дека се случува. Можеби конечно собираат храброст да скокнат, можеби паѓаат додека спијат, можеби ветрот ги натерува да се симнат главечки најдобро што можат или нешто ги плаши доволно за да скокнат. Не знаеме со сигурност, а ниту една мачка ни нема зборувано за тоа. Но само затоа што се случува, не значи дека се случува секој пат. Дури и да е така, не ли би било похумано да ги спасиш и да ги поштедиш од тоа долготрајно страдање?

Друга импликација на тврдењето за скелет од мачка на гранка е дека некој спровел екстензивно истражување качувајќи се на голем број дрва во одреден значаен временски период, во потрага по скелети од мачки – и дека не нашол ниту еден. Не познавам ниту еден што го има направено тоа, па логично е да ги прашаме овие луѓе (што се расфрлаат со тврдењето) дали тие самите го спровеле истражувањето и потоа да гледаме како менуваат бои додека признаваат дека, не, го немаат направено.

Ама ајде да претпоставиме дека некој ја има направено студијата и не нашол скелети од мачки. Тогаш треба да прашаме и колку скелети од птици има најдено. Со сигурност знаеме дека огромен број на птици поминуваат значаен дел од времето на дрвата, исто така знаеме и дека птиците умираат, па би требало да очекуваме голем број на птичји скелети по дрвата. А ако најдеме скелети од птици, до тој број би требало да го изведеме бројот на мачкини скелети што нормално би очекувале да ги најдеме. На пример, ако најдеме дузина скелети меѓу десетици илјадници птици што живеат на дрвата, тогаш колку скелети од мачки би очекувале да најдеме знаејќи дека само мал број мачки обично поминуваат некакво познајачно време заглавени на дрвата во споредба со птиците… Јас би рекол, ниеден.

Исто така, треба да разгледаме што ѝ се случува на мачката на нејзиниот последен ден додека е заглавена на дрво. Мачката е дехидрирана, изгладнета, изнемоштена и веќе нема сила да се држи, па најверојатно е дека исходот ќе биде паѓање, многу веројатно додека спие. Може и да умре на дрвото и телото да ѝ биде заглавено на некој чатал, но подоцна да биде бутнато од дождот или движењето на гранките при ветер. Или телото може да се разгради, а коските да паднат една по една… Да скратиме, дури и ако мачката умре на дрво, шансите се мали дека скелетот ќе ѝ остане таму.

Ја разбирам привлечноста на овој одговор со скелетот. Едноставен е – нуди лесен одговор за некој што никогаш не размислил малку повеќе околу прашањето, или не сака да биде соочен со тежок проблем што го прави да се чувствува беспомошен. Му дава на човекот чувство на познавање на работите, па дури и супериорност додека му нудат неоснована утеха на сопственикот на мачката (или кој и да сака да ја спаси). Ама овие психолошки бенефити за самиот мудрувач доаѓаат по висока цена за мачката и нејзиниот сопственик, бидејќи и двајцата страдаат подолго од неопходното охрабрувајќи го одложувањето на спасувањето.

Па, ај да го ставиме аргументов со скелетов каде што му е местото, под земјата, океј?

Пост

- Реклама -