На 22 јануари 1941 година, група Американци си ги собраа алатите – кукла, нацистичка униформа, неколку секири, кутија шајки, многу рум, фотограф на Life (ќе видите зошто) и силна верба во моќта на вуду магијата – и отидоа во колиба во шумите на Мериленд за да се обидат да го убијат Хитлер. И не се заебаваа. Овие млади луѓе навистина веруваа дека можеби ќе им успее доволно да ја насекираат (со секири) куклата на фирерот и да го пратат во пеколот.
Учителот
Ваква идеја по дифолт може да му текне само на чуден човек. А Вилијам Сибрук – идеолошкиот лидер и главен џелат на походот, и те како се квалификува за таквиот опис.
Сибрук бил автор, патувач, окултист и член на „изгубената генерација“ (генерацијата што порасна после Прва светска војна). А да, и канибал.
Скоро две децении пред вуду походот против Хитлер, Сибрук отпатувал во Западна Африка и контактирал со канибалско племе, чии членови ги молел да му дадат да проба човечко месо. Овие одбиле (ќе пробаме да најдеме зошто), но подоцна Сибрук ќе убеди пријател да украде човечко месо од болница. Месото ќе го испржи, ќе го изеде, и потоа ќе напише за искуството.
„Беше како добро зготвено телешко“, пишува во својата книга „Jungle Ways“, опишувајќи го вкусот. „Мислам дека никој со нормален сензитивитет на сетилото за вкус не би можел да го разликува од телешко“.
Походот
Канибал или не, Сибрук си имаше свои фанови. Ако ништо друго, инспирираше група млади луѓе од Вашингтон со својата книга „Witchcraft: Its Power in the World Today“ (Вештерство: Неговата моќ во светот денес), во која ги опишуваше деталите за сé што научил околу сатанизмот и вуду магијата на Хаитите. Црната магија, веруваа дечкиве, е вистинска, и може да се употреби за добри цели.
Па така, групата ќе го контактира Сибрук и ќе побара да им помогне со својата експертиза. А Сибрук, како човек што по природа не одбивал нови искуства, ќе прифати да им се приклучи.
Првото нешто што групата го научи од Сибрук, пишува Life, е дека вуду врачарствата се успешни само кога предвидената мета знае дека се случуваат. Токму затоа во нивните редови се најде и фотограф од магазинот – за да се осигураат дека Хитлер ќе дознае дека му се прават вуду магии, но и за да ги инспирираат читателите на магазинот да спроведуваат и свои ритуали за негово убиство.
Ритуалот
Па така, дошло време за ритуалот. Сибрук и дружината ја облекле нивната кукла во Хитлер костум. Тогаш Тед Колдвел – еден од членовите, облечен како вештер, затропал со тропалка крената над главата и прогласил кон куклата „Ти си Хитлер! Хитлер си ти!“.
Тогаш останатите членови почнале да коваат шајки, да бодат со игли и да удираат со секири по сликата и куклата на Хитлер, повторувајќи едногласно:
„Коваме шајки и бодеме игли во срцето на Адолф Хитлер! Истане (некојси темен пагански бог), прати 99 мачки да му го искорнат срцето и 99 кучиња да му го изедат кога ќе биде мртов!“.
Исходот
Кога работата била завршена (океј де, нивниот дел од работата), Сибрук и дружината ја закопале куклата на Хитлер длабоко во земјата. Таму, прогласиле, црвите ќе ја изедат, и со тоа и самиот човек ќе падне мртов.
Сибрук побарал од фотографите да вклучат што е можно повеќе детали, за да можат луѓето низ светот да го научат ритуалот. Според инструкциите споделени во Life, „при домашни вуду магии, куклата не мора да биде со реална големина. Можете да земете и мала кукла облечена како Хитлер“…
Или ефектот од вуду магијата се активира после 4 години, или ритуалов на вештериве не им успеа. Хитлер не умре во 1941, туку во подземен бункер во Берлин во кој се самоуби на 30 април 1945.
Со самоубиство заврши и Вилијам Сибрук, само една година по Хитлер. Сибрук се самоуби со грст пилули, во Њујорк. Едно е сигурно, зад себе остави многу чуден живот, и веројатно најчудниот обид за убиство на Хитлер.