Долго време се мислеше дека сексот продава, ама излезе дека не е така. Новите студии покажуваат дека да, потрошувачите повеќе ги памтат рекламите со секс елементи (голотија, секси моделки, секси атмосфера, секси порака и сл.), ама баш и не го памтат брендот што се рекламира. Тоа значи дека наместо „сексот продава“, паролата требаше да гласи едноставно „сексот привлекува внимание“.
А токму на таа карта играа Јапонците во Втората светска војна, сакајќи да го привлечат вниманието на непријателските војници кои се бореа на страната на Алијансата. Така, за да бидат сигурни дека нивните противници ќе ги кренат и прочитаат „флаерите“ кои им ги фрлаа во вид на летки, а со кои се обидуваа да ги натераат да се предадат, многу често покрај текстуалната порака користеа и сексуални слики. На пример, вакви:
Секој војник што на Јапонците ќе им пријдеше со ваков флаер, се сметаше за „желен да се предаде на јапонската армија“. Јапонската армија, од своја страна, со овој флаер се обврзуваше дека ќе му го гарантира животот, под услов војникот да им пристапи со кренато бело знаме или кренати раце, носејќи го оружјето со кундакот нагоре. Како што пишува во летокот „искористи го овој тикет, спаси си го животот, и ќе бидеш грижливо третиран“. Паралелно, се наведува и дека „со летоков можат да се предадат неограничен број војници“.
На јапонски, пак, пишува:
Тикет за предавање
Носителот/ите на овој тикет се предава/ат.
Строго е забрането да го/ги убиеш.
Командант, јапонски армиски сили
Првичната намена на голата слика беше, како што рековме, војникот за почеток да посегне по летокот. Понатаму, тоа му нудеше изговор да го чува со себе без страв дека неговите соборци ќе му ја прочитаат евентуалната намера да се предаде и ќе го спречат во истото. Вака војникот можеше да се вади со „какво предавање бе, го чувам само поради женската“.
Дури и војникот да не размислуваше за предавање, другиот гарантиран ефект беше дека летокот ќе му ја разбуди фантазијата, ќе го натера да мисли на секс, и ќе го потсети на девојката/жената што ја има оставено кога заминувал на фронт. Таквите мисли ја зголемуваа веројатноста да посака да се врати дома т.е. да дезертира.
Вака или така, летокот претставуваше „жежок компир“ во џебот на непријателот, кој во ситуации кога ќе стане густо барем на момент ќе го поколеба да размисли дали да го искористи тикетот.
Еве како еден јапонски офицер ја објаснил намената на летокот (според сведоштво од австралискиот поручник Махмуд Кан Дурани, кој бил заробен во јапонски затвор):
„Летокот треба да содржи, ако е можно, слика од прекрасна жена, според методот што го користеа Германците во Првата светска војна. Ова треба да осигура дека војникот ќе биде привлечен и нема да може да одолее да гледа во сликата одново и одново. Тоа ќе ја зголеми неговата страст, неговото срце ќе стане понаклонето кон љубов, а тоа ќе направи да мрази да се бори“…
Ќе беше убаво да имавме некаква статистика за тоа кај колку војници „упалиле“ ваквите летоци. Зборуваме за предвидениот исход – предавање или дезертирање. За „она другото“ веќе знаеме и без статистика – кај секој што го докачил.