Група научници од Универзитетот во Флорида баталија вселенски патувања, помрачувања на сонцето, потраги по „божјата честица“ и слично, и решија да играат „што би попрво“ со 166 студенти.
Фората на играта е што ти даваат две понудени опции, и двете се ептен лоши, а твое е да го избереш помалото зло.
Па така, едно од прашањата поставени во случајов е: Дали попрво би дозволил/а да ти ја ампутираат доминантната рака, или би носел/а тетовирана свастика на видливо место на лицето?
Од прашаните 166 студенти, дури 70% одговориле дека би преферирале да ја изгубат раката…
… што, сигурни сме, зборува многу повеќе за тоа дека луѓето се утепуваат од лажење на анкети, отколку што зборува што всушност би избрале кога би се соочиле со таков избор во реалноста.
Исто така, јасно е и дека политичката коректност (особено кај денешната „западна“ младина) е поважна од искреноста; анкетираните знаат кој е „морално исправниот“ одговор (иако бројни филозофии ќе се побунат дека моралот почнува од тоа да си морален кон себе, ака. да не дозволиш да ја изгубиш раката за глупости), па тој е и одговорот што го даваат. Со други зборови, во страв од осуда – било од другите (ако анкетата не е анонимна, на пример) или од самите себе, се одлучуваат за побезбедната опција која нема да им ја наруши сликата на добра личност што ја имаат за себе.
Уште една работа е јасна од одговорот на овие 70% – дека барем голем дел од овие студенти не знаат дека свастиката постои многу пред нацистите, и дека пред да ја присвојат како нивни симбол, значеше мир, љубов и еден куп други убави работи во еден куп разни култури.
Второто прашање во анкетава во Флорида ги подели испитаниците многу порамномерно; Дали би умреле токму во овој момент, или би живееле до своја 90-та, со тоа што ќе бидете прочуени како педофил?
Од 115 прашани, 53% одговориле дека би умреле во овој момент.
Базирано на резултативе, истражувачите заклучуваат дека моралната репутација им е меѓу најважните вредности на луѓето, и дека се подготвени во нејзино име да одат до крајности многу повеќе отколку што досега мислевме. Коавторот на студијата – Ендрју Вонаш, вели дека ова е затоа што репутацијата има општествена намена. Тоа како општеството гледа на нацистите и педофилите, вели, е доказ дека заедницата го казнува неморалното однесување, а дека стравот да се биде истеран/одметник од општеството е силен мотив за луѓето да ја штитат својата репутација. „Добрата репутација е клучот што ги отклучува бенефитите понудени од општеството“, заклучува Вонах. „Бидејќи кооперативното општество е стратегија за преживување на луѓето, губењето на тој клуч е потенцијално катастрофално“.
Ама… Нас резултативе ни делуваат поинаку.
Како прво, репутацијата како инструмент за преживување многу повеќе улога игра кога можеби сé уште би живееле во племиња или орди. Денес се живее и со лоша репутација, а за тоа имаме примери еден куп.
Како второ, веројатно веќе се сложивме дека тие 70% од првиот пример, кога ќе се најдат очи во очи со реалноста на нивниот избор, на клоци ќе ја исшутираат сопствената репутација, политичката коректност и моралната исправност, и ќе ја искористат доминантната рака ако треба и сами да си ја истетовираат свастиката, без разлика како ќе им се одвива животот понатаму и што ќе мислат другите за нив.
Како трето, тие 53% што преферираат да умрат отколку да живеат и бидат запамтени како педофили, дури и реалниот процент да е двојно помал, директно го демантираат Вонаш и неговиот заклучок дека луѓето се грижат за репутацијата за да бенефитираат од општеството. Како ќе бенефитираат тие што ќе умрат со чист образ, откако ќе умрат?
Поентата ни е: Да, репутацијата во очите на другите им е важна на луѓето. Но, само до одреден степен; ако беше клучна, зошто процентот на тие што не сакаат да бидат сметани за педофили е помал од процентот на тие што не би носеле тетоважа свастика, кога ова првото делува далеку пострашно?
И да, некогаш луѓето ја негуваат репутацијата за да бенефитираат од општеството. Но, има и нешто повеќе од тоа. Нешто што говори дека врската со сопствената репутација е главно интерна, и дека токму таа релација меѓу тебе и сликата што ја имаш за себе е најважната. Затоа многу луѓе се спремни да умрат, ама да не носат дамка на педофили. Затоа и многу луѓе потпаѓаат во стапицата на политичката коректност. Затоа и нé нервира кога од вакви бош студии (анкета на 100-тина студенти) се извлекува неоснован заклучок дека нагонот да бидеме морални е само механизам за преживување, а не и некаков внатрешен порив.