Ако ја читате „Нишалото на Фуко“ од Умберто Еко додека сте во Париз, има еден пасус што без дилема ќе ве натера да излезете и да прошетате низ градот. Но тоа нема да биде обична прошетка, туку потрага, потрага по лажните згради на Париз. Пасусот е овој:
– Сте биле ли на 145 rue Lafayette?
– Морам да признаам, не.
– Малку скршнувајќи од патот, меѓу Gare de l’Est и Gare du Nord. Зграда на прв поглед незабележлива. Само ако погледнеш поблиску сфаќаш дека вратите изгледаат како дрво ама се од офарбано железо, а прозорците кријат соби ненаселени со векови. Никогаш нема светло. Ама луѓето поминуваат и не знаат.
– Не знаат што?
– Дека куќата е лажна. Фасада е, објект без покрив, без ентериер. Празна. Уста е на камин. Служи за проветрување и ослободување на регионалните подземни пареи. И кога ќе сфатиш тоа, имаш впечаток дека стоиш пред устата на гроб. Кога само би можел да влезеш во тие ѕидови, би имал пристап до подземниот свет на Париз. Поминав часови и часови пред овие врати што ја кријат вратата на вратите, почетната точка на патувањето до центарот на Земјата. Зошто мислиш дека ги направиле?
– За да му дадат воздух на подземјето, како што рече…
Тоа што Еко овде го открива во овој пасус за Париз не го знаат ни голем дел од парижаните. Ама вистина е. Во срцето на градот има неколку лажни згради кои всушност се оџаци за „подземјето“, распоредени долж железничките линии на париското метро.
Кога Париз го прошируваше метрото во доцните ’70-ти, RATP (париската компанија за градски превоз) се соочи со потребата од вентилациони столбови што ќе го проветруваат метрото. За да не го нагрдат урбаниот изглед на реоните каде што требаше да бидат изградени, Париз реши да направи лажни згради кои ќе одговараат на архитектонската естетика на околните објекти. Како резултат, само внимателните минувачи можат да забележат дека на вратите на овие згради нема кваки, нема домофони, нема скали, и впрочем нема никаков релјеф. Погледнати од сателит, преку Google Maps, станува јасно дека се шупливи и без кров.
Но не сите лажни згради во Париз прикриваат вентилациски оџаци за метрото. Има и такви што прикриваат разни други инфраструктурни елементи, инспирирани од тактиката на RATP. На пример, на Rue des Archives број 53, зградата крие електрични трансформатори на француското електростопанство. Има уште многу други.
Некои од зградите наликуваат како во нив да живеат луѓе. Ако подобро погледнете, ќе видите ова:
И не е само Париз. Лажни згради поставени како маска за инфраструктурни елементи има и во еден куп други градови. Њујорк, Лондон, Торонто, Чикаго се само дел од нив.
Извори: Silvia’s Trips, Business Insider