Како да НЕ правиш ограда против мигранти

Во текот на 2015-та, илјадници луѓе од Африка и Азија ги преминуваа балканските граници, кои се затвораа една по друга и ги разгоруваа меѓусоседските односи. Словенија, исто така, на границата со Хрватска подигна жичана ограда, која се покажа како ефективна пречка само за животните; бидејќи таму, среде никаде, каде што се наоѓа реката Купа, мигрантите немаа ни намера да поминуваат, а уште помалку во орди да одат во Словенија, како што убедуваше тамошната влада.

Трошоците за купување/поставување на оградата државата ги прогласи за тајна, така што новинарите немаа право на увид во договорите со приватните фирми кои ги изработуваа и поставуваа оградите. Словенечко-хрватската граница е долга 670 километри. Оградата е поставена на 179 километри. Се знае само дека чинела милиони евра, не и колку милиони.

Околу 10 километри од границата меѓу Словенија и Хрватска се протегаат по брегот на реката Купа, која во лето е толку плитка што можеш да ја поминеш речиси и без да ги натопиш колената. Но, бидејќи ова е Балкан, оградата не е поставена таму каде што реката Купа е плитка, туку таму каде што веројатно не било премногу проблематично за работниците.

Според политичарите, додуша, Словенија е спасена. Оградата, меѓутоа, стои веќе 2 години, а државата како да не сака да ја тргне уште некое време; во принцип молчи на темата. Единствено што ќе чуете од словенечката влада се приказни за мигранти кои се кријат во шумите околу границата и само го чекаат моментот да ја прескокнат оградата. А во суштина, пристапот кон Купа е нешто што само Bear Grylls би можел да го совлада, бидејќи реонот е познат по густите, непроодни шуми и брдовитиот терен.

Дури и да не е така, мигрантите немаат ама баш никаква потреба „да чекаат момент“ за да ја прескокнат оградата. Тоа не го менува ни фактот што во текот на летово, Словенија одлучи дека „жилет оградата“ можеби и не е најдобро решение, па одлучи да постави панел ограда.

И пак не се работи за некакво хај-тек решение, туку за ограда што би ја поставил вашиот комшија за да не му избега кучето.

Оваа не може ни куче да задржи.

… Само што тој не би ставил капии на секои 50 метри, како што се поставени во случајов. Овие капии се нон-стоп отворени, и никој нема клуч за да ги заклучи. Локалните, и тек-тук по некој граничар, се шегуваат дека ќе мораат да купат катанци за да ја осигурат оградата што треба да ја осигури границата…

На крајот, најбизарно од сé е што капии капии со ограда има поставено на мостовите преку реката Купа, комплет со бодликава жица. Воопшто како да не е проблем што можеш да отидеш 100 метра подоле/погоре и небаре на штикли да ја поминеш реката.

Па, колку сме сигурни дека и другите огради по границиве се нешто поарни? Ич. Ич не сме сигурни.

Vice.rs

- Реклама -