Енрико Косута едрел во близина на хрватскиот остров Силба заедно со своето семејство, кога без никаква најава и заслуга налетале на, судејќи по однесувањето, самопрогласен локален пират.
Претходно, сидриштето било полно, па Енрико отпловил 200 метри подалеку до слободната зона, каде закотвувањето е бесплатно, и каде што имало уште два закотвени брода. Од капетанијата му потврдиле дека е на соодветното место.
Арно ама, откако завршил со наплата на бродовите на сидриштето, Хрватов со чамецот се упатил кон нив. Му побарал на Енрико да плати сидрарина – и тоа по пола цена (што апла алудира дека сакал да наплати на црно), а во спротивно, му се заканил, дека мора да ја напушти локацијата. Италијанецот, убеден дека е во право, одбил да направи било што од побараното. Резултатот е видеово.
На почетокот на снимката го слушаме Хрватот (простете на изразите): „Пичка ти матер, будало, ќе те убијам, само допри ми го чамецот“, додека го граба сидрото на едрилицата на италијанското семејство и пробува некаде да ги одвлече (веројатно надвор од зоната). Ја слушаме и сопругата на Енрико, видно вознемирена, која инсистира веднаш да викнат крајбрежна полиција. Во еден момент дури и детето се расплакува од страв. Додека Хрватов се мачи со чамецот и сидрото, Енрико му тера мајтап со реплики од типот „Ќе мора да влечеш посилно, брат“.
https://www.facebook.com/enricocossutta/videos/10212266469033393/
Подоцна Енрико им ја покажал снимката во Капетанијата, а овие му се извиниле и го упатиле да пријави во полиција, уверувајќи го дека евентуалната штета ќе му биде платена.
Пријава во полиција нема, ама „пиратов“ од хрватските острови не им е непознат на локалните, па ни на Енрико, кој 20 години летува во Далмација. Вели дека лани наплаќачов го немало, бидејќи ја изгубил концесијата, ама ете, годинава пак е тука. Смета дека треба „доживотно да го забранат“. А тој ќе продолжи да доаѓа со своето семејство.
Па ете, листата на балкански ендемски видови е проширена за уште еден идиот.