Просечен Германец од Минхен секојдневно поминува барем час и кусур заглавен во сообраќај или туткајќи се во метрото. 40-годишниот Бенџамин Дејвид, од друга страна, секој ден скока во реката Изар и плива до неговото работно место во Kulturstrand.
Реката тече токму покрај неговиот стан во Baldeplatz, а некогаш била најдобриот начин за транспорт и патување (со сплавови) низ градот, но и меѓу Рим и Виена. Но веќе одамна никој не ја користи за таква намена, барем не до пред две години – моментот кога Дејвид решава дека нема да губи повеќе време по преполните градски улици или велосипедски патеки.
Секое утро, Бенџамин плива по 2 километра до своето работно место (инаку е основач на тинк-тенк компанија за култура и трговија), што обично му одзема околу 30 минути. Кога ќе стигне во канцеларијата, се суши и брише со пешкир, облекува деловна облека, па оди на капучино во едно локално кафе додека ги чека колегите да пристигнат на работа од другите делови на Минхен или пробивајќи се низ сообраќајот.
Се разбира, ова е можно само со специјална торба, каква што си има набавено Дејвид. Не само што е водоотпорна, туку и се полни со воздух кога ќе ја затворите, па практично му служи и како душек за одмор, а и му го олеснува пливањето. Дизајнирана е од стартап во Базел, Швајцарија, каде пливањето до работа всушност станува голем тренд. Во торбата Бенџамин си го носи лаптопот, документите и сува облека.
Но исто така тој е и семеен човек, без намера да умира или да биде константно болен. Па затоа, зависно од температурата на водата и годишното време, Бенџамин облекува шорцеви/нуркачки костум, а пред воопшто да тргне да плива до работа, седнува на интернет и го проверува нивото на водата во реката, температурата, и водените струи. Кога не се сите параметри во рамки на вообичаеното и безбедното, користи нормален градски превоз, како и сите други.
Во моментов Бенџамин е единствениот што плива во Изар до работа. Но во Минхен се доселуваат по 30.000 нови жители годишно, па во иднина ситуацијата со сообраќајот тешко дека ќе се подобри. Што значи дека Бенџамин наскоро може да очекува друштво.
Претходно пишувавме и за еден друг сличен авантурист, кој на работа одеше со кајак.