Според едно ново истражување, кога зборуваме со други луѓе, мозочните бранови ни се синхронизираат со нивните. Не се работи баш за читање мисли, ама може да нé научи многу за природата на јазикот и меѓусебните врски.
Базирано на електроенцефалографските отчитувања (EEG), студијата спроведена од истражувачите од Basque Centre on Cognition, Brain, and Language (BCBL) во Шпанија, покажува извонредни сличности меѓу мозочната активност кај двајца луѓе кои разговараат еден со друг – некаков вид на „интермозочна синхронизација“.
„Јазикот ги зближува мозоците на двајца луѓе, а комуникацијата креира врски меѓу нив далеку покомплексни од тоа што можеме да го видиме од надворешноста“, вели еден од тимот – Џон Андони Дунабетија.
Тимот работел со 16 мажи и 14 жени, кои претходно меѓусебно не се познавале, на возраст која варирала од 19 до 31 година. Откако биле поделени во истополови парови, доброволците биле поставени на двете страни од стаклен параван и им биле поделени сценарија за разговор според кои требало да се ориентираат. Партиципантите исто така ја менувале и улогата – еднаш биле слушателот, еднаш говорникот.
Следејќи ги мозоците на паровите, со текот на разговорот, научниците забележале дека повторувачките бранови или осцилации почнале да се совпаѓаат, т.е. да се синхронизираат. Речиси како мозоците заедно да работат на целта да остварат комуникација, велат истражувачите.
Тимот го нарекува феноменот „brain-to-brain entrainment“, и истакнува дека нивната студија покажува сличности и со други претходни студии, кои исто така забележале одредено ниво на неврална синхронизација кога луѓето зборуваат меѓусебно. За разлика од други претходни истражувања кои сугерираат дека нашите мозоци можат да ги адаптираат обрасците на работа врз основа на тоа што го слушаат, оваа покажува дека има нешто специјално во чинот на директното социјализирање со други луѓе.
Научниците од тимот сега сакаат да видат и други студии што го истражуваат начинот на кој интерактуваме во еден-на-еден ситуации. Во крајна линија, сметаат, ќе може да се одреди дали двајца водат разговор, но и за што всушност водат разговор, дури и само преку мозочната активност. Исто така, ваквите студии можат да помогнат и во третманот на тие со тешкотии во говорот, но и во учењето на нови јазици.
Сепак, тие и самите признаваат и истакнуваат дека оваа студија е спроведена на мал примерок од испитаници, што значи дека има уште многу да се истражува. Еден од следните тестови планиран на BCBL, на пример, е да се види дали истата синхронизација настанува и кога луѓето зборуваат на не-мајчин јазик.
„Демонстрирањето на постоењето на неврална синхронизација меѓу двајца инволвирани во разговор е само првиот чекор“, вели друг член на тимот – Алехандро Перез. „Остануваат уште многу неодговорени прашања и предизвици за решавање“.