На Горан Попов ќе му се исполни желбата да настапува во англиската Премиер лига откако доцна синоќа го комплетираше својот трансфер во редовите на Вест Бромвич Албион.
Македонскиот репрезентативец пред десетина дена беше поврзуван со трансфер во Стоук, но тогаш се шпекулираше дека немањето работна дозвола е причината што Попов нема да игра во Премиер лигата. Сепак, дека не станува збор за вистина се потврди синоќа, откако челниците на ВБА експресно ги договорија деталите од трансферот, по што обезбедија и работна дозвола за нашиот интернационалец.
Попов се сели во овој клуб на едногодишна позајмица, а челниците на ВБА следното лето ќе имаат можност целосно да го откупат неговиот договор со Динамо Киев.
„На крајот од ланската сезона продадовме двајца бекови, па нормално беше сега да бараме нов играч на таа позиција. Презадоволен сум што го ангажиравме Горан бидејќи станува збор за искусен и квалитетен фудбалер што ќе придонесе нашата одбрана да добие на цврстина“ изјави менаџерот на ВБА, Стив Кларк.
Вест Бромвич Албион е едно од најпријатните изненадувања на стартот од сезоната во Премиер лигата, откако во првите две кола најпрвин го декласираше Ливерпул со 3:0, за потоа да одигра 1:1 на гостувањето против силниот Тотенхем.
Попов ќе нема право за настап на утрешниот дуел на домашен терен со Евертон, но се очекува тој да го има своето деби за ВБА на 15 септември, на гостувањето против екипата на Фулам. Претходно, Горан Попов ќе има два настапи за македонската репрезентација, на квалификациите за СП 2014 против Хрватска и Шкотска.
Како што информираа од тимот од Бирмингем, нашиот лев бек ќе го носи дресот со број 4…
„Ми се исполни желбата да настапувам на Островот. Верувам дека ќе ја оправдам довербата на сите во клубот, пред сè на менаџерот Кларк, на чие инсистирање сум во Бирмингем“ истакна Попов, кој ќе биде вториот македонски фудбалер кој ќе настапува во дресот на ВБА, по Артим Шаќири.