Турција ја протера еволуцијата од учебниците

Турција ја објави новата наставна програма. Во неа не се спомнува ниту Чарлс Дарвин, ниту еволуцијата. За нив ќе се учи на универзитетско ниво, не порано, предвидува програмата.

Образложението на турскиот министер за образование Исмет Јилмаз е дека „теоријата на еволуцијата е над нивото (на разбирање) на учениците, и не е директно поврзана со школската програма“, па „затоа и не е дел од таа програма“. Измените стапуваат на сила на почетокот на учебната 2017/2018 година.

Од друга страна, претседателот на синдикатот на просветните работници ги опишува промените како огромен чекор во погрешен правец, и ги оценува како обид за подигнување на генерации кои не поставуваат прашања.

Паралелно на протерувањето на еволуцијата од учебниците, учебната програма предвидува и промени по однос на џихадот. Според овие промени, џихадот веќе нема да се преведува како „света војна против непријателите на исламот“, туку ќе биде опишуван како „патриотски по дух“.

Прочитајте и:  Турски извори демантираат дека канцеларијата на Хамас се префрлила во Турција

„Исто така, нашата должност е да го исправиме она што го сметаме погрешно. Затоа часовите по исламско право и основните верски лектири ќе ги опфатат и лекциите за џихадот“, истакнува министерот Јилмаз.

- Реклама -