Порано годинава, „таткото на World Wide Web“ – Тим Бернерс Ли, истакна дека еден од аспектите на интернет слободата околу кој е најмногу загрижен се долгите договори со услови за користење кои компаниите бараат корисниците да ги потпишат (со кликање на „I have read the Terms and Conditions“) пред користење на нивните услуги. Сега и една WiFi компанија покажа дека неговите стравови се оправдани.
Нивната тактика да демонстрираат колку всушност се опасни овие комплицирани договори беше преку вметнување на апсурдни услови во разни делови од текстот на договорите. И испадна дека илјадници луѓе ги прифатија.
Purple (компанијата, инаку од Манчестер) спроведе двонеделен експеримент со вметнување на „клаузула за 1000-часовна општествена работа“ во своите „Тerms of service agreement“. За возврат на корисниците им понуди можност да проверуваат Фејсбук и можеби да побараат по некоја мапа.
Притоа, 22.000 корисници се согласиле:
• да ги чистат локалните паркови од животински измет
• да гушкаат кучиња и мачки скитници
• рачно да одзатнуваат блокади во канализацијата
• да чистат преносни вециња на локалните фестивали и настани
• да фарбаат куќички на полжави за да им го развеселат живеењето
• да одлепуваат мастики од асфалтот на улиците
Компанијата, паралелно, понудила и награда за секој што ќе ги контактира и ќе се „пожали“ на условите за користење. Се пријавил само еден таков корисник.
Прашање е дали сега Purple ќе го има легалното право да ги натера корисниците да ги исполнат своите обврски, согласно договорот, но се разбира, компанијата нема таква намера. Нивниов експеримент е во насока на подигнување на свеста околу важноста на читањето на условите на користење, но воедно и реклама – тие се првиот WiFi провајдер кој ќе работи во согласност со новата регулација за заштита на податоци (General Data Protection Regulation, т.е. GDRP).
GDRP ќе стапи на сила во мај 2018-та во земјите членки на Европската Унија. Новата регулатива ќе наложува поедноставување и повеќе транспарентност на фамозните „Тerms and conditions“, сé со цел корисниците подобро да разберат како ќе се користат нивните податоци. А очигледно, тоа е и повеќе од потребно.