Денешните талент шоуа имаат разни методи на гласање. Некои се потпираат на жири комисија, други на телевоутинг, трети на лајкови и коментари на социјални мрежи, четврти на комбинации од овие елементи. Ама веројатно никогаш немате чуено за методот (или нему слично добар) што го користеше музичкиот натпревар Intervision меѓу 1977 и 1980.
„Интервизија“ e директниот источен ривал на Евровизија, на кој се натпреваруваа песни и музичари од Советскиот сојуз и поранешните држави од Источниот блок. Продуцентите имаа смислено неверојатно уникатен начин на одлучување на победниците и губитниците: ако на гледачите им се допаѓаше песната, од нив се бараше да го вклучат светлото во домовите. Ако не им се допаѓаше, требаше само да го исклучат.
Првата мисла можеби ви е дека некој ги броел осветлените прозори, или нешто слично. Не. Тоа би било глупо, нели? Наместо тоа, се собираа податоците од електричната мрежа. Продуцентите знаеја дека некој пејач/песна е победник кога на електричната мрежа ќе измереа најголеми скокови во оптовареноста.
Генијално, нели? Нема дупли гласови, не одлучуваат тие што можат да си дозволат да гласаат најмногу пати, нема неколкучасовно броење гласови и сл.
Можеби звучи глупо да си играш со така драгоцен ресурс како електричната енергија (и нејзиниот импакт врз планетата) само за да гласаш, но ако се земе во предвид дека повеќето песни/кандидати/пејачи на најгледаните музички натпревари на денешницата се тапа (и заради тоа почесто ќе ги гасиме светлата), всушност излегува и дека ќе ја намалиме потрошувачката.