Сократ предавал подобро од денешното образование

Ја знаеме шемата на денешното образование: наставникот стои пред таблата и го објаснува материјалот, одвреме-навреме нешто ќе нацрта/напише, па на учениците им поставува прашања за да види дали сфатиле, и попатно дава дополнителен фидбек дизајниран да го рафинира разбраното. Се разбира, придржувањето до формулава и успехот на методот варира од земја до земја, од регион до регион, од школо до школо, од наставник до наставник, но генералната формула е таа.

Долго време се водат дебати дека овој – типичен за западните школи – не е најдобриот начин на едукација, и дека постојат поефикасни начини учениците да научат повеќе и побрзо. Едно ново истражување го потврдува тоа, но и нé враќа пар илјади години назад.

Според истражувањето на британската Education Endowment Foundation (EEF), едукаторите треба да земат пример од Античка Грција и да предаваат како што тоа го правел еден од најголемите мудреци во историјата – Сократ. Во суштина пак се работи за тоа да се натераат децата/учениците да се вклучат во материјалот наместо просто да одговараат на истиот. Извештајот објаснува дека „дијалогичното учење“ – кое се базира на вклученост на децата во разговори околу предметната материја на предавањето, може да биде многу поефективно од традиционалното предавање со тестови, какво што се користи во многу од училиштата.

„Прашањата се структурирани да провоцираат добро промислени одговори; одговорите бараат и отвараат нови прашања, и со тоа стануваат градбени блокови на дијалогот, наместо на неговата крајна цел“, вели истражувањето на EEF, со тоа повторувајќи ги основните принципи на стилот на предавање на Сократ.

Ако целта е да се зголеми интеракцијата на децата со предметната материја, пристапот на Сократ со бескрајна река од прашања е добра стратегија. Со други зборови, дискусиите во дијалогична училница треба да течат од една идеја кон друга, наместо да скокаат преку неповрзани точки. Целта е учениците да се натераат да размислуваат околу предметната материја, а не да креваат рака за да освојат позитивни поени, или петка/ѕвезда и сл. на раката или во дневникот, преку точни одговори.

Сократ, кој живеел во 5-от век пред н.е., ја знаел вредноста на овој пристап и го практикувал во „борбата“ против софистите – филозофи-платеници кои го практикувале токму спротивниот метод со долги предавања, но на кои помила им била реториката отколку вистината. Сократ, пак, верувал во учење преку систем на групи прашања каде целта не била учителот едноставно да ги презентира идеите, или индивидуалниот ученик да победи во дебатата, туку целиот „круг“ (групата ученици) да стигне до некакво подлабоко разбирање преку групен напор и учество.

Таквото предавање постои и денес. Слични методи на учење има и во хебрејските и во муслиманските медреси, каде учениците учат и ги дебатираат еврејските/муслиманските закони и правила под водство на нивните учители. Во западните училишта, меѓутоа, барем до неодамна, методот беше заборавен.

Сепак, неодамнешното негово враќање во една пилот-студија врз околу 2.500 петтоодделенци во 76 училишта во Англија, покажува дека уште е релевантен. За почеток, учителите ги учеле учениците на основните правила и вештини на меѓусебната дискусија: како да слушаат внимателно, да не прекинуваат, да ги излагаат своите мислења, и да ги преиспитуваат туѓите. Потоа се воделе насочувани дебати и разговори околу предметната материја, и тоа по разни предмети – од математика и англиски, па до историја.

На крајот на едногодишната пилот-студија, учениците кај кои бил применуван дијалогичниот метод се покажале понапредни во познавањето на материјата од нивните „традиционални“ врсници. Конкретно, биле два месеца (материјал) понапредни во разбирањето на предметот „англиски“, а еден месец понапредни во математика. Наставниците пријавиле дека се многу задоволни од методот и оцениле дека ако имале повеќе време, резултатите би биле уште позначајни и предноста на нивните ученици пред останатите нивни врсници би била уште поголема.

Треба да се нагласи дека студијата е направена главно во британски школи со добри перформанси. Интересно ќе биде да се види дали ефектот ќе се преслика и во другите училишта, без разлика од каков тип се и каде се наоаѓаат.

Едно е сигурно, Сократ знаел што прави. Ние денес, не секогаш.

Inverse

- Реклама -