По револуцијата во 1959 година, многу кубански заедници беа меѓусебно изолирани, без радио, телевизија или струја. Но едно од малкуте нешта што го обединуваше островот беа холивудските филмови.
„Кубанците се во сериозна љубовна афера со американскиот филм“, вели Керол Велс – основач и директор на Center for the Study of Political Graphics, во Culver City, Калифорнија. Тоа е љубов што најдобро се гледа во новата изложба на кубански постери за американски филмови во музејот во Пасадена. Изложбата ќе претстави 50 години исклучителни филмски постери создадени од врвни кубански графички дизајнери, како дел од програмата спонзорирана од Кубанскиот институт за уметност и филмска индустрија (Instituto Cubano del Arte e Industria Cinematográficos, познат како ICAIC).
Револуционерната влада го создаде ICAIC во март 1959 година, помалку од три месеци откако победи во тешката герилска војна. Холивудските филмови веќе долго беа популарни во Хавана, но новата управа си зема задача да го доближи киното и до другите Кубанци – тие кои живееја во далечни и отсечени, па и историски занемарени заедници, каде вестите за револуцијата сé уште немаа ни допрено. А таквата мисија – да се доближи киното до сите Кубанци, бараше доста креативност.
Владата носеше филмови по долини и ридови, некогаш со камиони, а некогаш дури и со магариња, вели Велс. Користеле преносни генератори за струја и одржувале проекции (на филмовите на Чарли Чаплин, меѓу другото) по кубанските селски „плоштади“ (средсела). До Кубанците во крајбрежните рибарски заедници, пак, допирале така што претворале бродови во пловни кина. Сите овие напори се прочуле под едно име – „cines móviles“, т.е. мобилни кина.
„Зборуваме за луѓе кои никогаш немале видено телевизор, и никогаш немале видено филм или било каква подвижна слика“, потсетува Велс.
Прикажуваните филмови, додуша, често биле пропаганда. ICAIC се надевал дека со тоа ќе ги интегрира руралните области во реизградбата на државата предводена од социјалистичката влада на Фидел Кастро. Сепак, забавата била подеднакво голем мотив како и политиката – холивудските филмови беа симбол на модерност и прогрес, изразени во универзален визуелен јазик.
Но, конечно да се вратиме на постерите. Иако КУбанците ги обожаваа холивудските филмови, имаа проблем со американските постери. Проблемите не беа политички. „Сметаа дека американските филмски постери се досадни“, вели Велс. „Го имаа главниот актер, и толку“. Затоа ICAIC ангажираше свои дизајнери кои го ресоздаваа промотивниот материјал секогаш кога ќе пристигнеше нов холивудски филм. Кубанските постери, за разлика од американските, се фокусираа на тема, и изобилуваа со неверојатна доза на стилска разновидност.
На пример, еден од најплодните дизајнери на ICAIC – Антонио Ребоиро, создаде „психоделичен“ постер за авантурата на Џон Хјустон од 1956 година – „Moby Dick“, кој во Куба беше прикажан 12 години подоцна.
Ништо помалку впечатлив не е ни постерот на René Azcuy (1976 година), за класиката „Whatever Happened to Baby Jane?“ од 1962 година.
Традицијата на кубански постери продолжува и денес, на пример преку Жизел Монзон (современа графичка дизајнерка) и нејзината реимагинација (од 2009-та) на култниот психолошки трилер „Rope“ на Алфред Хичкок од 1948 година.
„Некогаш филмовите не се ни нешто посебно добри, а имаат одличен постер“, се смее Велс. А изложбата, освен што покажува дека љубовната врска на Холивуд и Хавана трае и денес, наметнува и едно одлично прашање: Како Кубанците го заобиколуваа американското ембарго и ги набавуваа овие филмови, воопшто?
Секогаш кога на Кубанците ќе им поставите некое слично прашање, одговорот е ист; ќе се поднасмеат, ќе ви намигнат, и ќе ви потшепнат: „Сé е можно во револуцијата“. Вистинскиот одговор, пак, е преку шверцери и инсајдери во американската филмска индустрија кои ем сочувствуваа со Кубанците, ем сакаа нивните филмови да бидат гледани и надвор од САД.
На крајот сé тоа испадна супер. Филмовите ги сакаа и Кубанците во градовите, и тие во руралните средини.