Лажел дека жената и синот му умреле во пожарот во Grenfell Tower

Во петокот, Anh Nhu Nguyen застана пред британскиот суд во улога на обвинет за измама (во два наврата) и лажно претставување.

52-годишникот е обвинет дека ги измамил двете најголеми хуманитарни здруженија – од кои добил храна, облека, пари и хотелско сместување, со тоа што ги излажал дека во пожарот во Grenfell Tower (во кој загинаа над 80 лица) ги изгубил жената и синот. До ден денес, никој не може да потврди дека бил оженет или дека има деца.

За време на судското сослушување, Nguyen освен што го навел своето име и датумот на раѓање, навел и дека живеел во Grenfell Tower, и дека во пожарот изгубил и сé што поседувал.

Обвинителот Џонатан Полнеј изложи дека користејќи го истото тоа тврдење Nguyen на два пати го посетил хуманитарниот центар Westway, каде што првиот ден му била дадена парична помош од 100 фунти, а следниот ден уште една – од 260 фунти.  Притоа добил и сместување во Holiday Inn, што ја искачува направената штета на над 2.000 фунти.

При втората посета, аплицирал и за помошта понудена од британската влада во износ од 5.000 фунти. Никој не се сомневал во неговата искреност, но самата процедура наложувала претходно да разговара со полицијата. Токму тогаш и е откриена измамата.

Сé на сé, обвинителот проценува дека вкупната измама достигнува 10.000 фунти. Во нив не е вклучена и храната и големите количини облека што ја добил од уште неколку други хуманитарни здруженија.

Nguyen е во притвор, каде ќе го чека судењето закажано за 28 јули.

- Реклама -