Долниот дом на чешкиот парламент го усвои уставниот закон кој на Чесите ќе им даде право личното огнено оружје да го употребат по своја проценка за заштита на земјата и безбедноста. Во превод, со тоа им даде право да пукаат на терористи без да чекаат на полицијата.
Право да посегнат по оружје и да пукаат и во терористи, а не како до сега – само во нужна самоодбрана на животот, здравјето и имотот – ќе имаат само чешките државјани кои се на територија на Чешка.
Целта на законот е да се реагира на зголемената закана по безбедноста, пред сé кога е во прашање опасност од насилство, било дали се работи за изолирани терористички напади или активни напаѓачи, наведува чешкото МВР. Според оценката на министерството, „искуствата од некои земји покажуваат дека решавачки фактор во решавање на терористичките напади може да биде присуството на вооружени граѓани“.
„Чешка е шестата најбезбедна земја на светот. Имаме квалитетни закони, добро промислен механизам на добивање дозвола за оружје. Проблем има Европската Унија, која настојува да го разоружа населението“, изјави претседателот на Одборот за безбедност во долниот дом на парламентот – Роман Вања, во одбрана на измените на Уставот.
Со него се согласува и чешкиот претседател Милош Земан. Уште од избивањето на миграциската криза, тој често говореше за потребата Чесите да се наоружаат, а тврдеше и дека „некои од терористичките напади во Париз можеа да течат и завршат многу поинаку ако меѓу публиката или на улица имаше вооружени граѓани кои би пукале на терористите“.
„Тоа е исправниот пат. Во тоа сум убеден. Парламентот неодамна го измени законот за оружје и муниција и ѝ го одзема правото на владата да ги разоружа граѓаните во случај на војна. На една демократска влада, таква надлежност не ѝ е потребна“, изјави Роман Вања во декември 2016-та, кога правото на Чесите да пукаат во терористи сé уште беше само предлог-закон.
За имплементирање на одредбата дека „граѓаните на Чешка имаат право да набавуваат, поседуваат и носат огнено оружје во име на заштита на безбедноста на земјата“ во Уставот, гласаа 135 од 168 присутни пратеници.