Шведска пивара му посвети пиво на лондончанецот што се тепаше со терористите

„Fuck you, i’m Millwall“ можеби и не е највообичаено име за пиво, ама е интригантно. А тоа е и целта на шведската пивара што го произведува.

Ако фразата ви звучи познато, тоа е затоа што излезе од устата на Рој Ларнер – навивачот на Милвол што се тепаше со голи раце со џихадистите со мачети при нападот на Лондон Бриџ.

Но што има врска пиварата Frequency Beer Works од Стокхолм со лондончанецот и нападот на Лондон Бриџ? Во основа ништо, освен што косопственикот бил воодушевен кога прочитал за храброста на Ларнер.

„Еден мој пријател кој е фан на Милвол во Лондон ми прати линк до статијата за Рој, а јас сметав дека тоа е одлична приказна за неговата храброст“, вели 45-годишниот Дејвид Мортимер.

„Кога ја прочитав, си помислив ‘ова е извонредно, ова е навистина нешто посебно’, па потоа им ја раскажав и на другите момци од пиварата. Се договаравме да уплатиме нешто пари на добротворната кампања за помош на Рој Ларнер, но решивме дека ќе биде уште подобро ако неговата приказна му ја раскажеме на светот…

Едноставно знаеш дека оваа е една од тие приказни што сакаш да им ја раскажеш на луѓето, бидејќи е одлична – а исто така и името е одлично за пиво“.

И така, Frequency Beer Works сега има ново 5%-но пиво во чест на Рој Ларнер, кое веќе е дистрибуирано во реонот околу пиварата и сé почесто станува тема на разговор.

„Реакциите и фидбекот што ги добивме се толку позитивни што гледаме да го донесеме пивото и во Британија што е можно поскоро“, вели Мортимер.

Но чекајте, пред да избрзате (како нас) и да го обвините дека е само еден заебано итар претприемач со желба за профит, треба да знаете дека од пиварата веќе најавија дека целиот профит ќе оди на сметка на лондончанецот лично.

- Реклама -