Walmart е еден од најголемите маркети „за обична раја“ во Америка. Ама сака да е уште поголем, поголем и од Amazon. Па, освен што реши да доставува онлајн нарачки до своите купувачи, најде и генијално решение како тоа да го прави: ќе ги пушти своите вработени да ги доставуваат продуктите на пат кон дома после работа.
Тоа е како касиерка од Кам (или било кој друг маркет) во Центар, да ти го донесе нарачаното во Кисела Вода, зашто таа живее во Аеродром и ѝ е „уз пат“. Генијално, нели? А бе цареви се ова робовладетел… овај, Walmart, нели?
Идејата, велат извршните директори на компанијата, е да се намалат трошоците при доставата. Ноу шит, Шерлок (што би рекле Американците)! Никогаш немаше да погодиме.
„Веќе имаме камиони што носат продукти од магацините до продавниците. Тие исти камиони би можеле да бидат користени да ги однесат порачките до продавница близу нивната финална дестинација, каде ‘расположен’ вработен може да се пријави да ги однесе до куќата на нарачателот“.
Според Walmart, сé ова ќе биде исклучиво доброволно од страна на работникот. Велат дека на вработените што ќе доставуваат ќе им биде платено дополнително, па ова всушност е можност за нив за поголема заработка. Од друга страна, одбиваат да дадат детали за тоа по кој основ ќе се пресметува тоа „екстра платено“: дали базирано на дистанца, време, број на испораки или комбинација од сите тие фактори.
Како што сами знаете од свои блиски, од пријатели или од самиот третман кон вработените што го забележувате додека пазарите, маркетите знаат да бидат една од најизразените форми на експлоататорскиот капитализам во модерното време. Walmart не е исклучок, па експертите за труд со право имаат сериозни забелешки и сомнежи околу намерите на компанијата. Според нив, со ваквиот хибриден начин на работење (работно време vs. „тезга“ работење) се префрла огромен дел од трошоците, ризиците и одговорноста при доставувањето на производи врз грбот на вработените што ќе доставуваат.
„Праксата звучи исклучиво погодна за злоупотреба ако компанијата не ги компензира работниците во полниот износ на трошоците од нивното патување: трошоците за гориво, амортизација на возилото, сообраќајните казни, трошоците за паркинг, ама и потенцијалните проблеми како сообраќајни несреќи или повреди при несреќи“, вели Стефани Лус – професор на градскиот универзитет на Њујорк. „Како и во секоја друга ‘тезга’ економија, постои потенцијален бенефит за работникот, но во реалноста, најмногу од бенефитите одат кај работодавецот, а не вработениот“.
Лани Walmart пријави приход од 485.9 милијарди долари. На почетокот на годинава рекоа дека ќе ја подигнат минималната плата на 10 долари од час за повеќето од вработените, од кои најголем дел одвај успеваат да врзат крај со крај.
„Наместо да им плати на вработените колку што заслужуваат за нивната работа, Walmart едноставно нуди повеќе пари – ама за повеќе работа“, вели Ренди Параз – директор на синдикалната кампања „Making Change at Walmart“ која се залага за подобри услови за работниците во ланецот маркети. Делот околу „доброволноста“ при изборот на вработените дали да доставуваат или не, Параз го споредува вака: „Тоа е како да му фрлите гума за спасување на некој што се дави во вода. Со толку многу вработени кои се платени толку малку што им треба владина помош за да врзат крај со крај, доставата станува неопходност, а не избор“. Со други зборови, давеникот едноставно мора да се фати за гумата.
И самите вработени на Walmart се скептични, особено околу отсуството на детали за тоа како ќе бидат платени. „Walmart сака да се фали со своите 1.5 милион вработени како на предност во однос на компании како Amazon, ама исто така знаеме и дека тие не прават доволно за да нé поддржат нас и нашите семејства“.
Ова не е првпат Walmart да си игра со идејата други да доставуваат производи место нив. Пред 4 години размислуваа да им „овозможат“ на своите купувачи да ги доставуваат онлајн нарачките од другите купувачи, во замена за попуст во нивните продавници. Во меѓувреме соработуваат и со ride-sharing компании како Uber, Lyft и Deliv.
Компанијата пријавува пораст од 63% на онлајн нарачките во првиот квартал од годинава (кој следува по низа агресивни потези на пазарот минатата година). Сето тоа треба некој да го достави. А Walmart нема искуство со таков обем на онлајн работење. Ама имаат план.
„Сметаме дека crowdsourcing-от е механизмот на иднината, и искрено, ако размислиме за придвижувањето кон беспилотни возила, тоа исто така може да ги намали трошоците на испораките. Неефикасноста на испораката може да ја уништи профитабилноста“, велат од Walmart.
А crowdsourcing во буквален превод значи „толпата како извор“. Извор на што? Извор на повеќе профит за нив, а помалку за секој поединец од таа нежива, потрошна толпа.