Законот на мафијашките синови: Смрт поради еден „лајк“

Тие се деца на одвај 15 години. Но, кога татко ти е мафијашки бос, возраста не е важна. И е многу можно да поминеш неказнето, што и да правиш. Приказната за 15-годишниот Алекс Питито, син на бос на калабриската Ндрангета, ја разгневи Италија. Запрепастува и исходот на настаните, откако Питито во понеделникот изврши крваво убиство во градот Милето, Калабрија.

Тинејџерот решава дека на неговиот соученик Франческо Ламберто (десно на сликата) му се допаѓа токму неговата девојка. Според сведоците, од страна на Франческо немало ништо конкретно – можеби само неколку скриени гестови, погледи, коментари. Но, тоа е доволно за син на италијански мафијашки бос. Еден „лајк” на Фејсбук под сликата на неговата симпатија се покажува доволен за Питито да одлучи дека неговиот соученик не покажува „почит“. Затоа договара средба со Франческо во предградието на јужноиталијанското гратче, меѓу маслиновите дрва, „за да разговараат“. Таму вади пиштол и со три куршуми го убива својот соученик.

Уште пред неколку години, младиот Алекс не се срамеше да се пофали со слика од својот (на татко му) пиштол „Берета“ на Фејсбук, или да се слика со пури. Иако беше 10-годишен, тоа за него е прашање на чест. Пред неколку месеци, со својот нов профил, под профилната слика на Франческо имаше искоментирано: „Пријателството е нешто што е во устата на сите, но во срцата на многу малку“.

Свирепото убиство во Милето е жешка тема за речиси сите италијански медиуми од понеделникот наваму. Акцентот во речиси во сите написи е дека децата на шефовите на Камора и Ндрангета едноставно го копираат однесувањето на родителите и „ја штитат својата чест“ на истиот начин како што гледаат дека тоа се прави дома.

Детето-убиец е син на еден од „вообичаените осомничени“ во црните хроники во Калабрија. Неговиот татко Салваторе, на 49 години, е познат како „Чичото“. И тој, заедно со мајката Марија Антонија Меси, со 21-годишниот брат и со братучедот на Алекс – Пасквале – е меѓу уапсените во јануари за време на полициската акција во рамки на истрага за шверц на кокаин од Јужна Америка.

Со потекло од такво семејство, за младиот убиец не било проблем да се снабди со пиштол – едноставно го земал од дома, од една од фиоките на дедо му.

Роднините на убиеното момче го оставија неговиот Фејсбук активен, за секој да може да го изрази своето сочуство – а стотици луѓе веќе го направија тоа. Многумина се сеќаваат на Франческо со коментари како: „Беше толку совршен што ангелите те посакуваа за себе. Недостигаш. Добар пат, принцу”.

Овие сентиментални изјави се прошарани со коментари дека децата во Калабрија сé почесто посегнуваат кон оружјето и сé почесто стануваат жестоки убијци уште на премногу млада возраст.

Италијанските експерти за борба против мафијата посочуваат опасност од формирањето на нови генерации гангстери во Јужна Италија. Тоа се импулсивни, експлозивни момчиња кои не поседуваат некаков особен страв од фактот дека можат да поминат некое време во затвор. „Тоа се млади луѓе пред кои е целиот живот. А сеедно им е”, неодамна искоментира околу проблемот и познатиот писател Роберто Савијано во свое интервју, мислејќи најмногу на младите од новите банди на Камора во Неапол.

La Repubblica потсетува дека само пред два дена бил уапсен млад човек на одвај 16 години, кој веќе е обвинет за убиство на две лица. Неказнетоста со која ги врши злосторствата, огромното количество пари со кои располага и ги троши заедно со своите пријатели, како и демонстрацијата на оружје и автомобили (тој самиот објави слика со новото Ferarri на Facebook – при тоа без воопшто да ја има потребната минимална возраст за да има возачка дозвола) – го вознемирија општеството.

И профилот на 15-годишниот Алекс Питито е полн со револтирани коментари за неговата постапка. Го нарекуваат со секакви навредливи епитети, но тоа не спречува сé уште да не е јасен исходот на случајот. Засега судот одлучи да го остави Алекс под постојан притвор. Советуван од адвокатите, тинејџерот уште нема дадено никаква изјава пред судот за малолетници.

Во меѓувреме, во четвртокот, неговиот соученик Франческо беше погребан.

- Реклама -