Ако не ве интересира Дејв Шапел, ќе ве интересира приказната. А во приказната ќе научите и како некои африкански племиња наоѓаат вода во услови на суша, меѓу другото…
Дејв Шапел е и ќе остане еден од најдобрите и највлијателните стенд-ап комичари, од оние без влакна на јазикот кои не се плашат да го критикуваат општеството и неправдата околу нив. Тоа му донесе и недискутабилна слава, а заедно со хуморот – и сопствено шоу на Comedy Central. Шоуто беше толку популарно што на Шапел му беше понуден договор од 55 милиони долари за да продолжи со снимање на третата сезона.
Ама Шапел е скромен и пред сé паметен дечко, па одби. По неколку одложувања, околу кои кружеа многу шпекулации, Шапел го напушти снимањето и замина во Јужна Африка на – како што подоцна самиот објасни – „духовна рехабилитација“.
Претходно, во 2004-та, на својот стенд-ап перформанс во Сакраменто, Шапел го прекина настапот и се повлече од сцената откако публиката не престана да извикува „I’m Rick James, bitch!“ – популарна фраза од еден од најпознатите скечови од шоуто. По некоја минута се врати пред публиката, ама не за да настапува, туку за да си ја каже маката. „Тоа шоу ми го уништува животот“, рече Шапел. Објасни дека му е смачено да работи по 20 часа (на шоуто) и дека стенд-ап кариерата му е многу поважна во животот. Потоа ја искритикува публиката:
„Знаете зошто моето шоу е добро? Бидејќи официјалните лица од ТВ мрежата инсистираат дека не сте доволно паметни за да сфатите што правам, а јас секоја вечер се борам за вас. Ги убедувам дека сте паметни. Изгледа не бев во право. Вие, луѓе, сте глупи“…
Јавноста, нормално, беше запрепастена од неговото заминување во Африка, речиси колку што беше изненадена од неговата одлука да одбие 55 милиони долари. Следеа многу интервјуа во кои Шапел ја објаснуваше својата перспектива. Во едно од нив, направено во Африка, објасни дека бил незадоволен од насоката во која тргнало шоуто (големата понуда беше од новите газди на Comedy Central), дека доживувал голем стрес, и дека му било неопходно да направи интроспекција.
„Доаѓајќи овде (во Африка), немам дистракции од славата. Ова место го стишува и спушта егото. Ме интересира каков човек станав. Сакам да бидам добро избалансиран, а (шоу бизнис) индустријата е место на екстремности. Морам да си ги преиспитам целите, човече“…
„ТРЕБА ДА ЗНАЕШ КОГА ДА ЈА ПУШТИШ СОЛТА“
Во едно од интервјуата, во кои главно ги повторуваше горниве причини, Шапел направи една одлична аналогија што сите можеме, а и треба да си ја земеме за едно од животните мото-а: аналогијата за африканските племиња и тоа како наоѓаат вода во време на суша.
Имено, некои племиња копаат тесна дупка и на дното ставаат грутка сол. Потоа чекаат. Бабуните обожаваат сол, па прашање на кратко време е кога ќе посегнат во дупката. Кога бабунот конечно ќе го направи тоа и ќе ја грабне грутката, тупаницата му станува преголема за да може да ја извлече раката. Може – ако ја пушти солта, но тој е алчен и не сака да се откаже од посластицата… И додека паничи така заглавен, доаѓа човекот што ја поставил стапицата и буквално го зема и го затвора во кафез. За тоа време на бабунот му ја даваат целата сол што може да ја изеде. Но не му даваат вода. По некое време, го ослободуваат од кафезот. Бабунот секогаш знае каде има вода. Мртов-жеден, се упатува право таму. Луѓето едноставно го следат до изворот, каде обично има доволно вода за сите.
„Го гледав ова во некоја од документарните емисии за природата…“, вели Шапел. „Во аналогијата, јас се почувствував како бабунот. Со тоа што јас бев доволно паметен да ја пуштам солта“.
Е затоа е цар.
Еве го интервјуто:
А еве го клипот од документарецот што го гледал:
https://youtu.be/7Xl3NOoT7Pw?t=74