Во 1969 година, Пол Кеј и Брент Берлин – истражувачи од Беркли, објавија книга во која изнесоа прилично луда идеја: дека секоја култура во историјата на светот измислила зборови за боите по ист редослед.
До нивниот заклучок стигнале по еден едноставен тест на идентификација на бои, спроведен врз 20 испитаници кои идентификувале 330 обоени плочки. Заклучокот е дека ако еден јазик има 6 збора за боја, тоа секогаш ќе бидат црна, бела, црвена, зелена, жолта и сина. Ако еден јазик има 4 збора за боја, тоа секогаш ќе бидат црна, бела, црвена и потоа или зелена или жолта. Ако еден јазик има 3 збора за боја, тоа секогаш ќе бидат црна, бела и црвена.
Иако била револуционерна, теоријата имала свои недостатоци. На пример, не сите јазици ги третираат боите граматички исто како што ги третира англискиот, па и нашиот. Бројот на изрази за основни бои варира од јазик до јазик; на пример, јазикот Yele од Папуа Нова Гвинеја има само 5 збора за основните бои, но тие пет збора ги покриваат само црвената, белата и црната. Сепак, има куп други описни зборови, како „небо“, „дрво“ и сл., кои ги покриваат речиси сите други бои за кои ние имаме посебни зборови.
Дури и во „Одисејата“ на Хомер нема многу бои, а и кога има, Хомер користи еден ист збор за бои што за нас се фундаментално различни. На пример, зборот за виолетова го користи за крв, темен облак, морски бран и виножито, а за морето вели дека „личи на вино“. Референци за сина и за портокалова воопшто нема. (Оттаму некои истражувачи погрешно заклучиле дека античките народи биле далтонисти).
Сепак, главниот недостаток на заклучокот на Кеј и Берлин бил што е изведен од премала група од само 20 испитаници, кои иако биле од различни делови на светот, доаѓале стриктно од индустријализирани општества и зборувале англиски како втор јазик. Не баш идеален примерок, нели?
Но, кон доцните ’70-ти, Берлин и Кеј одговориле на критиките. Ја објавиле својата „The World Color Survey“ студија, во која истиот тест го направиле врз 110 непишани јазици и 2.600 испитаници на кои мајчин јазик им бил еден од тие јазици. Со мали разлики, резултатот покажува дека погоре предложената хиерархија на бои сé уште важи во 83% од јазиците. Секој јазик скршнува на различно место, но главниот костур и главната шема по која се именуваат боите останува иста.
Но зошто зборот за црвена настанува пред зборот за сина? Што е црвената толку поважна? Некои научници теоретизираат дека главниот фактор е присутноста на бојата во природната средина. Црвената е во крвта и во земјата, а сината била прилично ретка (освен во водата и небото).
Сепак, не многу одамна, когнитивните истражувачи направија компјутерска симулација за да видат како се развива јазикот околу боите меѓу луѓето. Располагајќи со сите бои, компјутерите во меѓусебната комуникација почнале да развиваат изрази по прилично истиот редослед: први се црвените тонови, па зелените, па жолтите, па сините, па портокалови. Така, научниците заклучиле дека има нешто во самите бои што води до оваа хиерархија во нивното именување. Сосема разбирливо е, на пример, што црвената е првата боја по црната и белата, бидејќи е изразито повпечатлива од сите други бои.
Што значи сето ова? Дека колку и да се големи „разликите“ од раса до раса, од култура до култура, сите луѓе сепак имаат нешто заедничко во начинот на кој се обидуваат да го разберат светот.