Во јануари 1889 година, Фридрих Ниче полуде.
Вооружен со метафора, иронија и афоризам, германскиот филозоф го издлаби неговото влијание длабоко во културата, критицизмот, литературата и психологијата на 20-от век. Фројд, Ман, Јејтс, Рихард Штраус и многу други уметници и мислители беа формирани од „првиот иморталист“. Во популарната култура, Ниче беше идолизиран и озлогласен поради неговиот Заратустра кој се симна од неговата пештера во планините со орел и жезло, и прогласи дека бог е мртов.
Но и покрај смртта на бог, и покрај нихилизмот и изменетите манускрипти, писанијата на Ниче го афирмираа животот. Неговото пишување беше полно со храброст. Ниче ги прифаќаше тешкотиите, границите и болестите на светот, и нé повикуваше да се протегнеме и зад општествените конструкти на културата и моралното наследство кое ни е оставено во аманет.
Но тој 3 јануари, 1889 година, сé се отплетка. Додека бил на отворен пазар во Торино, Ниче видел пазарџија што тепа коњ. Тој дотрчал до животното и се развикал тепањето да престане. Се фрлил меѓу животното и камшикот и го гушнал дебелиот врат на коњот. Овој слаб и болежлив филозоф, кој ни го даде Übermensch (Натчовекот) и робовскиот морал, потоа колабирал во плач.
Разбирам зошто Ниче ја гушнал главата на коњот. Животот е тежок. Не е фер. Исполнет е со преслатки прекрасни моменти, и сé тоа завршува многу, премногу брзо. Кога ќе погледнеме наоколу и гледаме толку многу луѓе кои се непотребно сурови, или непромислени, или незасегнати од неправдата; кога гледаме како нашите браќа и соседи ги издишуваат своите одбројани здивови на начини што придодаваат кон болката и одземаат од симпатијата, гледаме свет кој, всушност, е поапсурден и понихилистички од било што што филозофот напишал или рекол или помислил. Да ги види овие бесмислени суровости како се одигруваат пред неговите очи, било едноставно премногу за филозофот да поднесе; особено кога лекот, противотровот – па дури и причината што сме тука – е многу јасна.
Ниче бил син на свештеник. Одгледан на болни хипокризии и полувистини од полуприменета вера, Ниче отфрлил сé. Пророците го направија истото: Jeremiah и Исаија, Мухамед и Сидарта. Дури и Христос. Но, бил ироничен или очигледен, лекот бил таму, во центарот, цело ова време. Тоа е таа проверена вистина, апсолутна но кршлива, во сржта на секоја верска традиција. Ги креваме главите од нашите бироа или се оттурнуваме од масата и гледаме луѓе кои ги третираат нефер на работа, или на игралиште, или на улица. Се случува и во самите наши домови. Сепак, сé што некому од нас му треба е разбирање, трпение, милозливост и основна човечка почит. Секој од нас само се одбива од пречките околу нас, трудејќи се најмногу што може. Секој од нас се справува со истите сурови адаптивни императиви: раѓања, умирања и страдањата и болестите на тие што ги сакаме. Се будиме наутро со нов тумор, или мораме да си ги носиме цревата во кеса закачена под кошулите, или се бориме да најдеме одговори и причини за толку многу дилеми што се дел од живеењето. Не е чудно што некогаш и самите можеме да сме несвесно сурови, непромислени или безобразно бесчувствителни. Сепак, сите ние се трудиме најдобро што можеме. Во свет каде сите правиме грешки, каде нашите мотиви се погрешно разбрани, единствениот одговор што има смисла е да им се предадеме на милоста, простувањето, трпението и разбирањето.
Појдете до пазарот. Изпразнете ги џебовите од страв и од таа акутна преокупација со самите себе (self-consciousness). Постелете го сето тоа што сте на парче черга, на видик. Разменете го тоа што го сметавте „во ваш најдобар интерес“ за похумана понизност. Бидејќи еден ден и ние ќе ја гушкаме главата на коњот кон вечноста.
Џон Шон Дојл, за Psychology Today