Рим отсекогаш привлекувал илјадници туристи и многумина си го имаат оставено срцето во овој неверојатен град. Но во последно време посетителите на италијанската престолнина завршуваат непријатно изненадени. Покрај монументалната величественост на неодамна реставрираниот Колосеум, на само неколку метри понатаму, во блискиот парк, тротоарите се ископани, тревата не се одржува, а наоколу е полно со ѓубре.
Ѓубрето е насекаде низ Рим, а и покрај ветувањата на властите дека ќе направат нешто во врска со проблемот, засега нема резултат. Ѓубрето е првото нешто на што ќе се пожалат римјаните ако ги прашате „како е?“, но ќе биде и второто, и третото.
Подетално на темата пишува Френк Бруни – кореспондент на New York Times кој две години живеел и често го посетува Вечниот град, во статија под наслов „Валканата метафора на Рим“.
„Ситуацијата е трагична. Нема друга европска престолнина во таква очајна состојба“ – потврдува Стефано Банди – жител на Рим. Тоа на римјани им е одамна јасно. Меѓу нив нашироко е познат веб-порталот Roma fa schifo („Ми се повраќа од Рим“). Се работи за блог на кој редовно се прикачуваат фотографии од „валканиот веш“ на Вечниот град – како оштетени табли за метрото, канти за ѓубре кои се губат под купови од отпад, а неодамна постираа и слика од маж во гладијаторски костум додека моча до една трафостаница.
Доволно е да напишете #degrado на Twitter и ќе видите за што станува збор. Дупки, руини, ѓубре, диви треви… На момент и Скопје ќе ви се види поубаво. Но тоа не е новост. Сајтов постои веќе повеќе од десет години.
Ситуацијата, меѓутоа, се влошува сé повеќе и нема видлива надеж за подобрување. Минатата година граѓаните на Рим за градоначалник ја избраа Вирџинија Раџи од движењето „Пет ѕвезди“, која ветуваше дека ќе ѝ стави крај на мафијата, ама и на ѓубрето во Рим. Речиси една година подоцна, ништо од тоа не се случи.
Сé ова се случува пред носот на величествените споменици кои привлекуваат милиони туристи од целиот свет. Но секојдневниот живот во Рим е тежок, пред сé поради лошата градска средина. Сообраќај, хаос во градскиот транспорт, толпи луѓе. За да стигнат до своите работни места, на некои жители им требаат минимум два часа.
Бруни потсетува и дека реставрацијата на Колосеумот беше финансирана со 30 милиони долари, но не од градот, туку од од италијанскиот бренд за чевли Tod’s. Скалите кои водат до Piazza di Spagna беа обновени благодарение на 1.7-те милиони долари донирани од луксусниот бренд за накит Bulgari, кои имаат продавница во близина. Fontana di Trevi, исто така, беше освежена со 3-те милиони долари од модниот бренд Fendi.
Засега властите итро се потпираат на филантропијата на големите продажни куќи, до степен што е добро што брендовите сé уште ги немаат изгравирано своите логоа на спомениците. Но ако градот продолжи со вакво темпо, ништо чудно тоа и да се оствари.
Фонтана ди Голи
Последните вести околу деградацијата на Рим се поврзани токму со Fontana di Trevi. Поради зачестените случаи на вандализам – обично луѓе кои се капат голи, градоначалничката сега размислува да ја загради фонтаната, а посетителите да ја гледаат само од далеку, на поминување. Достапни полицајци кои би го чувале споменикот, истакнува Раџи, нема доволно. Во моментов проектот е на разгледување кај општинската полиција.
Приватното обезбедување исто така не е трајна опција, бидејќи јасно е дека италијанската влада нема пари за да го чува огромното културно наследство на земјата, кое и самото е витален извор на економијата.
Немоќта на владата се гледа и од општиот контекст на гнасност кој се забележува околу блескавите споменици.
Птици, ѓубре, ѓубре, птици
Проблемот на Рим оди и чекор понатаму од ѓубрето. На пример, во широката распространетост на улични продавачи. Во дивеењето на високите треви. Во ужасно хаотичниот градски транспорт. Во редиците автомобили паркирани таму каде што не треба. Во разните нерамнини и дупките на неремонтираните улици.
„Никој не скрши нога?“ – често ќе ве прашаат жителите на Рим ако им кажете дека ви дошле роднини/пријатели во посета и сте ги прошетале низ градот, алудирајќи на многубројните можности тоа да ви се случи. „Улиците се полни со дупки. Секој втор има проблеми со колената, проблеми со зглобовите, со колковите“, пишува Бруни.
Од друга страна, безмалку како во „Птици“ на Хичкок, на Piazza Venezia не е чудно да видите галеб да напаѓа гулаб, кој за возврат е нападнат од врана – сé тепаат за купче отпадоци. Римјаните сами ќе ви потврдат дека популацијата на птици, особено на гулаби, е значително зголемена, и тоа правопропорционално со количината на ѓубрето.
По птиците, ќе ве запрепастат и пикавците. Фрлени, а никогаш изметени. „Ги броев за да си го одвлечам вниманието додека трчав во слалом околу скршени стакла покрај грозната вода на реката Тибар, истовремено тепајќи ги комарците по рацете, кои, се чини, и самите доживуваат свој бум“.
Рим отсекогаш бил величествен и луѓето ќе продолжат да го посетуваат и покрај ѓубрето. Но може и подобро. Од високо сè изгледа супер. Но кога ќе се симнеш подолу – мириса.