За домашните влечки, со љубов

Маргарита Гокун-Силвер собира папучи, ама не било какви, туку оние меките, удобните, оние за по дома. За The Atlantic се шегува дека причината за таквата нејзина пасија е дека работи на студија за домашните влечки.

„Собирам папучи – оние со тенок ѓон, какви што нудат во хотелите. Куќата ми е полна со нив, некои сé уште стојат завиткани во пластиката. Тоа се обувки што никогаш нема да ги бива за ништо друго освен за носење внатре. Сепак, за мене, тие се премногу скапоцени за да можам да се откажам од нив.

Пораснав во Советскиот сојуз, каде „тапочки“-те – домашни влечки – се носеа по навика. Ги облекувавме кога ќе дојдевме дома, оставајќи ги валканите чевли надвор на влезот. Ги носевме во школо, каде нашите соученици чуваа стража на вратата, по наредба на директорот, за да проверат дали во торбите носиме резервни, чисти обувки… И знаевме дека кога одиме во посета кај пријателите, од нас се очекува да ги соблечеме нашите чевли и да ги носиме папучите што домаќинот ги чуваше токму за такви прилики. Да влезете во нечиј дом – било чиј дом – а да не ги соблечете чевлите, се сметаше за многу непристојно однесување“.

А да излезеш по влечки надвор, уште понепристојно. Ве вади од такт сликава, нели?

*  *  *

Потеклото на навиката е мистерија, пишува Силвер, но „тапочки“-те окупираат важен дел од руската психа. Прагматичните бенефити се јасни – соблекувањето на чевлите го чува подот и теписите чисти. Но, вистинскиот бенефит е симболичен.

Пред една декада, во градот Улјановск, му беше изграден споменик на Обломов – титуларниот лик од познатата новела во која Иван Гончаров пишува за неентузијастичен и бескрајно мрзоволен руски благородник. Споменикот го претставува каучот на Обломов, а под него се неговите влечки. Влечките се таму како признание за извонредната способност на Гончаров да внесува лични објекти со симболизам кој ја отсликува Русија во старите денови.

Во новелата, Илја Илич Обломов го поминува најголемиот дел од денот во неговата домашна наметка, лежејќи на каучот и неправејќи ништо. Новелата има политички тонови; објавена е две години пред укинувањето на кметството во Русија, и некои тврдат дека ја портретира генералната апатија меѓу руското племенство. Пењоарот на Обломов, каучот, и влечките, ја претставуваат индиферентноста на протагонистот кон животот надвор од неговиот дом. Но исто така го симболизираат и домашниот простор, чувството на напуштање на грижите на надворешниот свет штом ја затворите вратата, и чувството на безбедност и комфорт што само сопствениот дом може да ти го пружи.

Лични предмети кои го одделуваат надворешното од внатрешното можат да се најдат во европските слики рано уште од 15-ти век. Во Портретот на Арнолфини (1434 година), Jan van Eyck има насликано два пара „надчевли“ – еден вид дрвени сандали што се носеле над чевлите за внатре, за да ги заштитат од калот и валканоста на надворешноста.

Во бакрорезот од 1514 година – „Свети Јероним во неговата работна соба“, Албрехт Дирер исто така вметнува пар влечки сместени под клупа со книги и перници.

Дали се ова сведоштва за почетоците на раздвојување на обувките за дома и за надвор, никогаш нема да знаеме. Меѓутоа, делото на Van Eyck многумина со сигурност го сметаат за показател на нова мода на раздвојување на обувките за дома и за надвор, бидејќи отприлика во тој период Отоманското царство ги донело своите навики во Европа, а „мнозинството од отоманското население носело обувки за надвор врз обувките за дома“ – објаснува Лале Горунур – куратор на музејот „Садберк Ханим“ во Истанбул. „Но тие никогаш не влегувале внатре со чевли за надвор“, додава таа. „Секогаш ги соблекувале чевлите на портата на куќата“. Се смета дека териториите под османлиска власт го попримиле обичајот, па денес навиката можете да се сретне и до Унгарија.

„Ја имаме традицијата на домашни влечки бидејќи сме биле под османлиско ропство“, потврдува Драгиња Маскарели – куратор на Музејот за применета уметност во Белград. Кога била студент во раните 1990-ти, таа посетила свои роднини во Париз со далечно српско потекло. Нормално, си понела и влечки. „Беа шокирани кога дознаа дека имаме влечки за по дома“.

Иако овие српски парижани од доцниот 20-ти век се чуделе, нивните предци биле големи фанови на домашните обувки. „До 17-ти век, има портрети од сé повеќе мажи облечени во опуштена, домашна атмосфера, во влечки“, објаснува Елизабет Семелхак – куратор во музејот Bata Shoe во Торонто. „До 18-ти век, кога блискоста и интимните собиранки станале голем дел од друштвената култура, почнувате да гледате сé повеќе слики од жени и нивните влечки“.

Викторијанската ера дала и свој придонес во бурната страст кон домашните влечки. Жените во Берлин плетеле популарни плетени горни наставки за папучите на своите сопрузи. „Им ги подарувале на своите сопрузи, за да ги носат додека навечер пушат луле покрај каминот“, вели Семелхак.

Портретите од руската висока класа од 18-от и 19-от век често прикажуваат луѓе облечени во папучи во отомански стил, или во тенки домашни надвлечки (навлаки за влечки). Тоа не може да се каже и за сиромашните. Селаните и работниците на сликите се или боси, или во работни чизми, или во традиционалните руски „валенки“. Можеби токму поради својата улога на домашни влечки за богатите, „тапочки“-те се отфрлени веднаш по Руската револуција од 1917-та година. За остатоците од стариот, презрен свет, немало место во новата руска парадигма. Како и да е, негативниот сентимент кон традиционалните руски влечки не се задржал долго. Наскоро тапочките се враќаат во повеќето советски домови на голема врата, спремни да ги негуваат изморените нозе на нивните сопственици после долг ден поминат во изградба на комунистичкиот рај.

„Валенки“.

Денес, љубовта кон влечките варира од култура до култура. Во Италија се смета за непристојно ако шеташ бос по дома или на гости, а Шпанците ќе ви се чудат ако им понудите влечки, пишува Силвер. „Ѝ понудив влечки на една пријателка од Шпанија, а таа ми врати дека Шпанците никогаш не ги соблекуваат чевлите“.

Во Јапонија, каде модата на влечките е дојдена од Западот, повеќето од луѓето ги соблекуваат чевлите пред да влезат. Кај нив и самата архитектура е во согласност со таквата пракса. Кога ќе влезете, обично има мал простор како претсобје, каде ги оставате чевлите. Подот во останатиот дел од домот е подигнат, како на скала, и обично е покриен со tatami, по кои Јапонците одат речиси стриктно боси. Во деловите од домот како кујната, ходникот и тоалетот, Јапонците исто така носат влечки. За тоалетот обично чуваат посебен пар, резервиран стриктно за тој дел од домот.

*  *  *

„Кога се преселив во Америка, во 1989-та година, извесен период папучите исчезнаа од мојот живот. Американците никогаш не ги соблекуваат чевлите, и нивните од-ѕид-до-ѕид теписони се полни со траги од чевли кои потекнуваат од носењето надвор. Никогаш не навикнав на тоа. Сега секогаш ги соблекувам чевлите веднаш штом влегувам дома, и барам од моите гости да го прават истото. Импресивната колекција од влечки што ги имам собрано по хотелите секогаш ми е при рака.

А што се однесува до мене, мојот личен пар секогаш ме чека крај вратата. Кога ги облекувам, моите стапала се послободни, моите подови се почисти, а јас навистина се чувствувам како да сум се вратила дома“.

 

- Реклама -