Фино е тоа што пробуваш да заштедиш на вода кога го миеш овошјето, кога се тушираш или кога пушташ казанче со посебен режим „за мала нужда“, но ако тоа го правиш од еколошки причини, треба да си свесен дека е само капка во морето (што не значи да престанеш).
Главното арчење на вода се случува надвор од нашето видно поле, и е во самата основа на постоењето на речиси сите продукти што ги користиме во секојдневието, било да е тоа храна, пијалоци, или материјали (пластика, хартија, метал, ткаенини…).
На пример, колите. Потребни се околу 284 илјади литри вода за производство на 1 тон челик. Просечен автомобил содржи тон и кусур челик, што значи дека „кошта“ над 300.000 литри вода.
Горивото за автомобилите исто така подразбира користење на вода: околу 1-2.5 галони вода се потребни за рафинирање на 1 галон гориво. Друг пример е пластиката. Потребни се околу 180 литри вода за производство на околу 1 кило пластика. Потребни се околу 2650 литри вода за една памучна кошула. Индустриските комплекси користат милијарди и милијарди литри вода секој ден. А во споредба со 1985 година, употребата е намалена за околу 30%.
Токму поради „скриената“ цена што ја плаќаме во вода, постои терминот „water footprint“. Еве го водниот футпринт и на други производи:
Говедското месо бара најмногу вода од секој друг вид на месо. Во просек, потребни се околу 15.400 литри вода за да се произведе 1 килограм говедско месо – 99% од тоа оди на хранење на животното.
Во просек, производството на едно јаболко (150 g) подразбира 125 литри вода. Следствено, чаша сок од јаболко (200ml) чини околу 230 литри вода.
Потребни се 168 литри вода за производство на една кригла пиво.
Водниот футпринт на пилешкото месо е помал од оној на говедското, овчото, свинското и козјото. На глобално ниво, во просек изнесува по 4.330 литри вода потребна за секој килограм пилешко.
Водниот футпринт на чоколадото зависи од потеклото на какаото и методот на производство, но врз основа на глобалните просечни бројки, производството на 100 грама чоколадо подразбира 1.700 литри вода.
Потребни се околу 18.900 литри вода за производство на 1 килограм зрна кафе. Колку за перспектива, стандарден филџан кафе (125ml) „троши“ 130 литри вода.
Кило тестенини „чинат“ околу 1850 литри вода по килограм, а тука е и оризот, со околу 2500 л/кг. Лебот, кој се прави од жито, подразбира околу 1600 литри по килограм.
Сувото грозје и урмите „коштаат“ околу 2440 и 2280 литри вода по килограм, повеќе од повеќето други овошја. Смоквите подразбираат најмногу вода – 3350 литри по килограм.
Дури и една брокула има голем (реално, не споредено со другите) воден футпринт – 283 литри вода по килограм.
Маслиновото масло има најголем воден футпринт од сите масла (освен од маслото од рицинус) – производството на 1 килограм подразбира околу 14.430 литри вода. Сончогледовото масло, пак, „кошта“ околу 6.800 литри вода. Кокосовото е прилично „ниско“ на листата – 4.490 литри.
На крајот, пак ќе повториме. Напорите за штедење не секогаш се залудни. На пример, со рециклирање на околу пола килограм хартија, нешто повеќе од еден дневен весник, заштедуваме скоро околу 13.5 литри вода. А секоја заштедена капка се важи.
Извори: Gracelinks, Гардијан, Хафингтон Пост