Ви текнува на мистеријата со фустанот и боите? Решена е

Оптичката илузија со фустанот од пред година дена го натера цел интернет да се почеша по главата, а тоа што изгледаше како само уште една случајна илузија, се покажа како мистерија што ни најстручните не можеа да ја решат. Зошто едните сметаат дека е син, а другите дека е бел?

Еден професор по психологија од Универзитетот во Њујорк – Паскал Валиш, реши да направи сопствено истражување. Направи анкета врз 13.000 луѓе во обид да ја реши мистеријата. И дојде до заклучок – дека сé се сведува на тоа во колку часот стануваме наутро.

Валиш утврдува дека поради тоа што фотографијата е сликана под „нејасно/двосмислено“ слабо светло, нашите мозоци прават различни претпоставки околу бојата; тоа, смета Валиш, зависи од тоа дали сте „ноќна птица“ или ранобудник.

Ноќните птици – кои стануваат подоцна и остануваат до подоцна – се помалку изложени на дневна светлина, па нивните мозоци – навикнати на послаба и вештачка светлина, веруваат дека се работи за слабо осветлување и го гледаат фустанот како син со црно.

Кај ранобудниците пак, има поголема тенденција да претпостават дека фустанот е осветлен одзади и дека се наоѓа во сенка, па над 80% од нив во анкетата го виделе како бел со златно.

Валиш објаснува: Бидејќи сенките се сини, твојот мозок ја одзема сината светлина од сликата (што ја прави да изгледа жолта).

„Кога мозокот се соочува со несигурност, тој обично не вели ‘не знам’, туку ја исполнува неизвесноста со претпоставки“, дополнува Валиш.

Сé на сé, кога сите други околности би биле еднакви, Валиш предвидува дека ранобудниците најчесто ќе претпостават дека е бел со златно, а „ноќните птици“ дека е син.

PS. Ако не бевте во тек, излезе дека навистина е син.

 

- Реклама -