На секој успешен старт на некој производ обично му претходи серија од неуспеси. Но, се паметат само победниците, нели?
Во Шведска ќе биде отворен нов музеј кој се надева дека ќе го промени тоа.
Музејот на неуспесите од областа на иновацијата е дело на д-р Семјуел Вест – психолог кој ги поминал последните седум години од животот во проучување на успехот и неуспехот, и што зборуваат тие за луѓето.
„Уморен сум од сето тоа прославувањето на успехот, особено во областа на иновациите, каде 80 до 90 проценти од сите проекти пропаѓаат“, вели д-р Вест.
Тој случајно налетал на Музеј на неуспешни врски додека патувал со семејството во Загреб, Хрватска. Тогаш доаѓа до идеја да формира Музеј на неуспешните иновации.
Целта на музејот, вели д-р Вест, е да покаже дека иновациите подразбираат неуспех. „Ако се плашите од неуспех, тогаш не можете да создавате иновации“, смета тој.
Отворањето на музејот е предвидено за јуни годинава, каде Вест ќе прикаже над шеесет неуспешни производи и услуги од целиот свет. Меѓу нив ќе има и парфем Harley-Davidson, пенкала направени специјално за жени, Coca-Cola Blak – пијалок инспириран од кафето, Nokia N-Gage – мобилен телефон и конзола за игри во едно, Apple Newton – личен дигитален асистент и други.