Прашај било кого и ќе ти каже дека јадењето солена храна те прави жеден. Но дали?
Пар студии, чии резултати се објавени во The Journal of Clinical Investigation, сугерираат дека јадењето на солена храна всушност не те прави жеден, на долг рок, ама може да те направи гладен. Истражувачите дошле до заклучокот преку симулирани мисии до Марс.
Научниците од неколку институции (Германскиот аеровселенски центар, Центарот за молекуларна медицина Max Delbrück, и универзитетот Vanderbilt) ставиле две групи од по 10 машки доброволци во запечатени модели на вселенски капсули. Првата група била испитувана 105, а втората – 205 дена. Сите мажи биле подложени на идентична исхрана, со тоа што во храната имало различно ниво на сол.
Резултатите покажале дека тие што јаделе повеќе сол имале повисоко ниво на сол во урината, и произведувале поголема количина на урина – овде нема ништо изненадувачко. Тоа што ги изненадило научниците било тоа што субјектите кои јаделе повеќе сол, всушност не пиеле повеќе вода, што значи не биле пожедни од овие другите. Напротив, пиеле помалку вода. Освен тоа, „космонаутите“ кои јаделе посолена храна повеќе се жалеле на глад. Значи, солта ги направила погладни, а не пожедни.
Овие откритија ги натераа научниците да ревидираат неколку долгоприсутни заклучоци.
Порано се мислеше дека солта, во суштина, ги „граба“ молекулите на водата од телото и ги носи во урината. Но новава студија покажува дека солта останува во урината, додека водата (од урината) се враќа (рециркулира) назад во бубрезите и телото.
Така, научниците ја ревидирале функцијата на уреата (органска состојка во урината): „Не е само отпаден материјал, како што се мислеше“. „Наместо тоа, уреата се покажува како многу важен осмолит – раствор кој се врзува за водата и помага во нејзиниот транспорт. Нејзината функција е да ја зачува водата кога нашите тела се ослободуваат од сол. Очигледно, природата нашла начин да штеди на вода, која инаку солта би ја однела во урината“, објаснува проф. Фридрих Луфт од Max Delbrück Center.
На краот, студијата го промени начинот на кој научниците гледаат на хомеостазата воопшто (функцијата со која телото одржува соодветна количина и баланс на течности).
Од друга страна, тоа значи дека баровите залудно служат кикирики со пивото. Дап, не е заради ерекција, афродизијак или штотијазнам други митови, туку за да ве направат жедни. Дали ќе се премислат? Ќе видиме. Ваше е да не го кажувате податоков.