Градовите дишат и се развиваат, а како што никнуваат нови структури и се рушат стари, така некои елементи остануваат да постојат целосно заборавени… Или можеби не целосно?
Сме ги виделе, ако ништо друго во колекциите од смешни фејлови на интернет: скали што завршуваат во празен ѕид, врата на втор кат до која нема пристап, прозор кој гледа во бетонски ѕид, и сл…
Овие архитектонски аномалии немаат примена, ама имаат име. Наречени се Томасон-и; термин скован од јапонскиот уметник Генпеи Акасегава, кој прв пат почнал да ги забележува овие урбани реликвии низ Токио во 1972 година.
Додека еден ден одел на ручек, Акасегава забележал скалило на чиј крај немало никаква врата или влез. Но, тоа што посебно му го привлекло вниманието биле трагите од поправка на држачот на скалите, што индицирале дека и покрај бескорисноста, некој сé уште го одржува скалилото.
Инспириран од ова, Акасегава започнал да бара и други вакви чудни структури. И наоѓал. На почетокот, ги објавувал фотографиите во неделен магазин. На крајот, ги собрал во фото-книга со наслов Hyperart: Thomasson. Еве зошто.
Акасегава и неговите пријатели почнале да ги нарекуваат архитектонскиве остатоци „хипер-уметност“. Како што самиот ги дефинира, „тоа се како парчиња уметност што нема корист во општеството, но сепак се чува со нега, до степен кога изгледа како да е на изложба“. Хипер-уметноста нема автор, објаснува тој, и не може да биде намерно создадена од уметник, туку само најдена и препознаена како таква низ окото на набљудувачот, опсерверот.
Како што спомнавме погоре, подоцна Акасегава ги нарекол Томасон. Зошто? Според американскиот бејзбол играч Гери Томасон кој беше трампан во токиските Yomiuri Giants (бејзболот е многу популарен во Јапонија). При тој трансфер, на Томасон му била платена страшно голема сума пари за договор на две години. Но перформансите што Томасон ги прикажал во играта биле помалку од задоволителни, па најголемиот дел од договорот го преседол на клупа. Ако го прашате Акасегава, Томасон бил и „бескорисен“ и „одржуван“, баш како и одржуваниот држач на скалите што воделе во празен ѕид.
Еве уште неколку Томасон-и.