2017-та ќе биде најжешка година во историјата

2014-та беше најжешка година во историјата… Па после најжешка беше 2015-та. Погодувате, а и пишувавме, најжешка беше и 2016-та – трета рекордна година по ред. Ако сте песимисти и за 2017-та, со право сте. Се очекува да биде уште потопла.

Рекордните температури од лани не само што предизвикаа малку повеќе потење, туку имаа и реални последици. На пример, сериозните пожари во Алберта, Канада, кои причинија штета од 3.58 милијарди долари, а беа резултат на рекордната суша и температури.

Големи топлотни бранови имаше и на Арктикот, придонесувајќи за брзо покачување на морското ниво и деструкција на арктичкиот жив свет. Климатските промени, кои доведоа до овие промени во животната околина и температурите, исто така предизвикаа и избелување на коралните гребени. Неодамна научниците прогласија дека гребените се во „терминална“ фаза, со голем дел уништени до точка од која нема опоравување.

Жителите на Хаити на своја кожа ги искусуваат леталните последици од климатските промени. Ураганот Метју направи хаос низ земјата, а жителите уште ги собираат парчињата.

Ефектите од овие температури, кои конзистентно се во пораст, нема да чекаат пеесет, дваесет, па ни пет години. Многу брзо ќе ги видиме во ефект.

Фамата околу покачувањето од 1°C

Светската метеоролошка организација (WMO) лани објави дека температурите се качиле на 1.1°C над тие од пред-индустриската ера. Лаик ќе помисли: како така мала варијација во температурата може да предизвика така големи промени?

За да бидат нештата во перспектива, треба да се знае дека за време на последното Ледено доба, глобалните просечни температури биле за само околу 5°C различни од денешните. Така, гледајќи стриктно во бројките, може да се чини дека овој пораст на температурите не се така голем проблем, или дека барем ќе бидат проблем во иднина, а не сега. Но, кога гледаме во минатото и станува јасно што може да се случи со само мала промена на глобалниот температурен просек, станува јасно колку се сериозни климатските промени.

Иднината

Како што потсетува портпаролот на WMO – Клер Нулис во интервју за CBC, парискиот договор за климатски промени ги наложува сите потписнички да го зачуваат порастот на температурите на под 2 степена Целзиусови во споредба со тие од пред-индустриското доба. Но, очигледно, веќе сме на половина пат, и „ситуацијата е мошне загрижувачка“.

Клучниот чекор ќе бидат обновливите извори на енергија и елиминацијата на употребата на фосилни горива.

- Реклама -