Проблемите што Дубаи ги крие под чергата

Дубаи делува како највозбудливиот град на светот – со сите тие луксузни облакодери, тони злато, скапоцени автомобили, бајковити ресторани и луди ноќни клубови. Ама тоа е сликата што ја гледаат само туристите кои пијат коктели покрај базените и се олеснуваат на златни веце школки. За другите, Дубаи има и мрачни страни, кои генерално остануваат непознати за јавноста.

Работниците работат 14 часа на ден, на горештини од 40-тина степени Целзиусови

Дубаи се развива со неверојатна брзина, а во моментов додека читате, во градот веројатно никнува уште една градба или прометна улица. И тамошните моќници да ги имаат сите пари на светот, сепак ќе им треба старата добра работна сила за да градат така брзо. Проблемот е што богатите мислат дека таа работна сила не треба да биде третирана како останатите граѓани, па повеќето од нив живеат во ужасни услови, секојдневно изложени на ризици.

На пример, владата ги советува туристите никогаш да не излегуваат директно на сонце подолго од пет минути ако температурата е над 40 Целзиусови степени. Физичките работници, меѓутоа, работат со нормално темпо и до 14 часа на истите тие услови. Секако дека тоа предизвикува здравствени проблеми, несреќи, па и смртни случаи. Ама тоа се мете под чергичето.

2. Затворска казна за бакнување во јавност

Мнозинството во Дубаи се муслимани, што значи дека правилата, особено тие за интимноста, се строги и строго се спроведуваат. Сите оние кул слики на Инстаграм може да ве прелажат дека Дубаи е либерално место, но не само што е илегално бакнувањето, туку и држењето за рака.

Туристите кои ќе ги прекршат правилата плаќаат огромни казни. Ако се побунат, може да дочекаат и затворска казна. За сексуални односи пред брак воопшто и да не правиме муабет. Таквото однесување е забрането на цела територија во Обединетите Арапски Емирати, па и во Дубаи е голем ризик.

Трговија со луѓе

Иако законите се строги по однос на алкохолот, дрогата и сексот, правилата многу повеќе важат преку ден. Девојка може да се најде во неволја ако прошета со непокриена рака, ама навечер е друга слика.

Најстарата професија на светот цвета и во Дубаи – има повеќе од 30.000 проститутки кои отворено ја покажуваат својата кожа и наплаќаат по 500 долари на час за сексуални услуги. Но тоа не е главниот проблем. Проблемот е што претприемачите и моќниците ја поддржуваат проституцијата и заработуваат од истата, а белото робје е јавна тајна на која и полицијата во Дубаи замижува. Така, за било која жена која ќе се најде сама навечер во некој бар, повеќето ќе помислат дека се продава, па не се изненадувачки ни безобразни понуди од мажите во околина.

Бесрамно трошење на огромни количини питка вода 

Со оглед дека е лоциран во пустина, Дубаи мора да увезува вода. Сé додека парите таму растат на дрво, на расфрлањето со чиста вода нема да гледаат како на проблем. На пример, во Дубаи има огромни голф игралишта, за чие одржување се трошат околу 4 милиони галони вода дневно, само за тревата да биде зелена.

Тоа што остатокот од светот се соочува со големи недостатоци од чиста вода и има луѓе кои умираат од жед, во Дубаи не ги засега. А и глупо е да очекуваме дека ќе биде така, бидејќи примерот на Дубаи е далеку од единствениот, а и немаше да биде тоа што е ако генерално владееше емпатија.

Кога ќе снема нафта, сé ќе пропадне

Не е тешко да изградиш рај среде никаде ако располагаш со неограничени количини од црно злато. Регионот на Блискиот Исток, како што знаеме, значително зависи од нафтата, и тоа им е единствената надеж за богатење.

Но се чини дека луѓето во ОАЕ не сфаќаат дека ништо не трае вечно. Прогнозите откриваат дека нафтата веројатно ќе се потроши за 20-тина години. Тогаш или нема да биде доволна, или цената ќе биде толку висока што луѓето ќе мораат да се префрлат на други извори на енергија.

Ако Дубаи не го направи тоа, најверојатно е дека златниот меур многу брзо ќе се распрска. Не само тоа, туку огромните трошоци за одржување на сиот тој луксуз ќе го дотераат градот во долгови, во најмала рака.

Претеран расизам

Во 21-ви век, поголемиот дел од светот не го прифаќа расизмот како норма. Ама човечкиот род е секогаш спремен на исклучоци, а меѓу нив е и Дубаи, каде расизмот е двигателна сила. Тоа е брутално место со брутални правила, каде човек вреди колку што му вреди пасошот. На пример, за една иста работа, Европјаните и Американците добиваат двојно поголема плата од нивните колеги од земјите од „третиот свет“.

Од работници до робови преку одземање на пасоши

Колку повеќе копате, толку повеќе излегуваат мрачни приказни и казнени дела. Дубаи е место каде ропството е сé уште присутно. Секако, формално сé си е легално, но во пракса луѓето од земјите како Индија, Пакистан и Кина се присилени да работат прекувремено, за речиси никакви пари.

Многу од тие несреќници ја немаат привилегијата да го напуштат градот на златото, бидејќи владата или компаниите им ги одземаат документите по доаѓањето. Не е сценарио од филм, туку реалност на луѓе кои емигрирале таму со надеж за подобар живот, но од кој виделе само пекол. Тие луѓе работат за помалку од 100 долари месечно, во лоши работни услови, сместени во лоши живеалишта.

Отворено ја уништуваат околината 

Робовската сила на Дубаи му овозможува брз развој и секојдневно никнување на нови комплекси. Инвеститорите не сакаат да чекаат, а со секое градилиште доаѓаат и нови големи количини ѓубре, канализација и хемиски отпад.

Надлежните институции и здруженија не можат да го следат темпото на развој, па компаниите го фрлаат својот отпад на „алтернативни локации“. Најчестата обично е морето.

Дивите животни се сé освен слободни 

Богаташите од Дубаи мораат да бидат креативни со оглед на големите суми што ги имаат за трошење. Некои купуваат златни автомобили, други пливаат во млеко, трети чуваат егзотични и диви животни како куќни миленици.

За шеик е смешно да чува мачка или куче, па затоа чуваат тигри, пантери, лавови и слично. Притоа плаќаат тренери и дресери кои реално ги злоставуваат животните со цел да ги цивилизираат – друг начин практично не е возможен, инаку секој ден ќе читавме за изедени шеици.

Мислите дека на дивите мачки во зоолошките им е тешко? А оваа, што мора да се вози во затворена кутија на четири тркала со ремен околу вратот?

Слободата на говорот е мит 

Тој што јавно ќе изнесе мислење со кое моќниците не се сложуваат, обично добива телефонски повик од таканаречената тајна полиција на Дубаи. Многу директно, ви даваат два избора – или да замолчите, или да изгубите сé што имате. Освен тоа, 80% од жителите се доселеници, а законот е толку комплициран што со полноправно граѓанство не можете да се стекнете без куп пари и многу трпение, без оглед дали таму живеете 10 или 50 години. Ако странец проговори нешто „лошо“, едноставно ќе биде депортиран.

Во теорија, ОАЕ е федерална монархија на чело со претседателот Калифа бин Зајед Ал Нахјан, но во суштина се знае дека зад сите одлуки стои шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум – па и зад контролата на модерното ропство.

- Реклама -