Хитлер скоро деценија живеел под кирија кај Евреин

Германскиот историчар Пол Хозер тврди дека некогашниот фашистички лидер скоро цела деценија живеел во куќа која му припаѓала на еден еврејски трговец по име Хуго Ерлангер.

Според податоците на Хозер, Хитлер престојувал во куќата во минхенскиот кварт Лехел, на адреса Тирштрасе 41, во периодот од 1920-та до 1929-та година, со исклучок на таа година кога бил во затвор заради неуспешниот пуч кој го организирал во Баварија.

Во текстот објавен во германскиот тримесечник VfZ, Хозер наведува дека Ерлангер ја купил куќата во 1921 година (тоа значи дека Хитлер веќе бил потстанар), но одземена му е во 1934 година, бидејќи доцнел со отплатата на кредитот.

Според сознанијата на Хозер, Хитлер кон еврејскиот станодавец се однесувал „љубезно“, иако во себе гаел силен антисемитизам, за што сведочи Холокаустот.

Инаку Ерлангер ја преживеал Втората светска војна. Во 1949 година успеал и да си ја поврати куќата.

- Реклама -