Се смета дека Калашите се потомци на армијата на Александар Македонски. Според ДНК анализите, нивното потекло е предоминантно составено од западни корени. Одредени студии покажаа дека европската ДНК е додадена кон нивната ДНК отприлика во истото доба кога се одвивале и походите на Александар Македонски. Сега за прв пат пакистанската влада ги прифати Калашите како посебно етничко малцинство во рамките на Пакистан.
Калашите живеат во областа Читрал на провинцијата Khyber-Pakhtunkhwa, близу границата со Авганистан. На претстојниот попис (првиот после 20 години), ќе ја добијат првата прилика да бидат пребројани под посебна графа. Претходно привлекоа доста внимание од етнолозите и антрополозите (секако, и кај нас), бидејќи негуваат различни религиски и културни обичаи, многу различни од тие на муслиманите. Калашите се политеисти (имаат повеќе божества) и живеат во тесна врска со природата.