Како може да си работохолик и истовремено да си мрзелив? Според Робин Камарот – основачка на консултантска куќа – терминот не е оксиморон. Во текст за Inc.com, таа ги споделува своите видувања за тоа како му поминува денот на еден мрзлив воркохолик (читајте го како работохолик, ако преферирате).
Мрзливиот воркохолик работи многу, но без да мисли. Тоа се луѓе кои постојано реагираат на работите, наместо проактивно да го исцртуваат својот ден. Оставаат годините да поминат, и секогаш кога ќе им се рече „скокни“ – тие скокаат. Кога ќе им се рече „тркалај се“, тие се тркалаат. Мрзливите воркохолици се фокусираат на очекувањата на некој друг од нив. Не се замараат да ја потрошат таа енергија за да застанат и да размислат стратешки околу својата сопствена иднина. Потфрлаат да проценат дали тоа што го работат вреди или дали ќе им помогне да ги постигнат своите цели. Едноставно тие само продолжуваат да работат. Мислат дека ако се чувствуваат зафатени, по дифолт тоа значи дека остваруваат прогрес во кариерата.
Мрзливите воркохолици ги има насекаде и во сите ешалони.
Тоа се луѓето што најгласно се жалат дека се многу зафатени. Тие се наштимани да работат без да се запрашаат зошто. Почесто отколку не, тие се тие што се наградувани со унапредување и покачувања, бидејќи се респонзивни и го имаат „вистинскиот“ одговор – како во школо. Јасно го артикулираат тоа што го работат, без да тргнат време за да размислат дали треба да го работат.
„Ги знам работиве, зашто и јас сум една од нив“, вели Робин.
„Поминав 15 години работејќи на искачување на скалата, и стигнав до функцијата на висок менаџер правејќи го токму она што другите ми велеа дека треба да направам. Тогаш, несвесно, се ставив себеси во сопствена рехабилитациона програма од 12 чекори, напуштајќи ја таа удобна корпоративна работа и почнувајќи како независен консултант. Уште првиот ден, се најдов над мојот чичка нов компјутер и телефон, и си реков: ‘Што треба да правам сега?’. Бев привремено ‘замрзната’. Без шеф, без колеги, без персонал, и никој од клиентите за да ми каже што треба да правам. Имав само еден и-мејл во мојот нов Gmail инбокс, и тоа пораката за добредојде од Google… Дури во еден момент помислив и да одгоорам.
Ми требаа повеќе од неколку недели за да се прилагодам на тоа сама да си бидам директор. Сé уште се лизнувам назад кон моите стари навики кога ќе се наталожат барањата од клиентите. Го препознавам тоа кога ќе се најдам како поминувам најголем дел од денот фокусирана на одговарање на мејлови, наместо на тоа да работам на некој од важните долгорочни проекти на мојата ‘to do’ (да се направи) листа“.
Звучи познато?
И ти ли си мрзлив воркохолик?
„Еве брза, ненаучна формула што можеш да ја искористиш за да откриеш.
- Пресметај го вкупниот број на часови што си ги работел минатата недела. Сосема е можно да немаш појма – јас обично немам. Повеќето од нас имаат тенденција да „заокружат, кон горната граница“ и да веруваат дека сме работеле повеќе отколку што всушност сме работеле. Бидејќи не мораш да докажеш ништо никому со овие бројки, обиди се да бидеш искрен и прецизен и да го извадиш времето потрошено на неработење и дистракции кои не се поврзани со работата.
- Следно, разгледај ги своите годишни цели, а потоа фрли поглед на календарот и мејловите од минатата недела. Барај ги моментите во кои си работел на нешто важно (за клиент или за твојот бизнис) за кое ти лично си донел одлука да работиш. Колку од твоите вкупни работни часови се ориентирани кон целите и директорувани од тебе лично?
За многумина, одговорот на тоа прашање е нула, па математиката е лесна.“
Ако помалку од 1% од твоето работно време е директорувано од тебе самиот, тогаш си мрзлив воркохолик.
Се разбира, тука нема инстант правило исклесано во камен, вели Робин, ама инсистира дека најмалку 10% од нашето работно време секоја недела треба да е посветено на проекти по наш избор. Како инаку ќе ги постигнеш своите цели? Освен ако целта ти е да станеш најреспонзивното кученце во шталата, подготвено да го фати стапчето секогаш кога ќе му го фрлат.
„Те молам немој да речеш дека не можеш да го изделкаш ова време од многуте часови кои веќе ги поминуваш работејќи. Биди искрен, и кажи си дека си премногу мрзлив за да го направиш тоа. Поудобно ти е да го испотиш газот од одговарање на барања од други луѓе. И тоа е океј. Само кога ќе помине годината и ќе сумираш дека не си напреднал кон своите цели колку што си очекувал, немој да се жалиш“.