На својата официјална Фејсбук страна наменета за потрошувачите од Блискиот Исток, германскиот производител на козметика NIVEA, во обид за реклама, објави пост со слоган „Белото е чистотота“ или „Белото е чисто“. „Нека биде чисто, нека биде светло. Ништо нека не го извалка“.
Не помина долго пред компанијата да се најде на подигната платформа, врзана за дрвен столб, среде куп од суви гранчиња, а пред неа разлутена интернет толпата со запалени факли која повикува да биде запалена на клада, зашто пораката што ја испратила во постот била расистичка.
Значи, зборуваме за Блискиот Исток, каде купишта луѓе, меѓу кои и најбогатите шеици носат бели мантии, и веројатно сакаат да им останат бели, зошто тогаш ги сметаат за чисти. Додуша рекламата не беше за детергент, туку за дезодоранс што „е невидлив на црна и бела облека“ (исто толку се носат и црни мантии) т.е. што не остава траги. Постов конкретно, беше во контекст на тековната кампања на NIVEA на Блискиот Исток, во која главен слоган е дека „белото е чисто“, а „црното е силно“. Да скратиме: Не, нема ништо расистичко во постот на NIVEA.
Ќе има ли крај на лудилото? Изгледа не, зaшто реакцијата на NIVEA беше како на неправедно обвинет кој ја прифаќа вината. NIVEA веднаш го избриша постот и се извини во официјално соопштение во кое рече дека станува збор за „погрешно упатена порака“, и дека „длабоко жали“ за тоа што можеби некого навредила со тој пост.
„Откако сфативме дека постот праќа погрешна порака, веднаш го избришавме. Диверзитетот и рамноправните можности за сите се клучна вредност на NIVEA. Ние ја цениме различноста. Директната или индиректната дискриминација не смее да биде присутна ниту во една одлука која ја носиме, ниту во било која област од нашите активности“.
Не бе NIVEA, не е „погрешно упатена порака“, туку е погрешно разбрана порака. Директната или индиректната дискриминација не била присутна во вашата одлука, туку во главите на интернет „поборниците за правда и еднаквост“. Еве, не мора да го слушаме здравиот разум. Да ги слушаме стенд-ап комичарите: Џорџ Карлин и Луис Си-Кеј, заедно со многу други, одамна тупат дека нема ништо навредливо во зборовите (во nigger, на пример), туку во контекстот во кој се кажани. Во намерата со која ги кажуваш. Во пораката која сакаш да ја упатиш. NIVEA не сакале да ги исплукаат небелите раси. NIVEA сакале да си го изрекламираат дезодорансот што не остава флеки, ни на бело, ни на црно. Ама NIVEA призна дека упатила погрешна порака, и си изгоре на кладата како и многу други.
Штета, зошто до самиот дрвен столб на кој беше врзана, NIVEA имаше на располагање противпожарен апарат. Можеше да го искористи со едноставно „Драги Фејсбук читатели, бркајте работа. Нашата порака не е расистичка, вашето сфаќање е. Нашата порака почива на општоприфатен и општопроверен факт: Дека кога белото е бело, веројатно е чисто, ама кога има флека, дефинитивно веќе не е чисто“, или нешто во тие рамки. Можеа евентуално да го додадат и тоа: „Диверзитетот и рамноправните можности се клучна вредност на NIVEA. Ние ја цениме…“. Во таква ситуација, навредените ќе беа понавредени, ама разумните ќе ѝ честитаа. На крајот и едните и другите пак ќе си купуваа NIVEA како што си купувале и досега.
Ама не, NIVEA се исплаши од навредените (сигурно претежно белци) кои се котат како зајци на интернет, и призна дека е виновна. Со тоа нé доближува уште еден мал чекор поблиску до дистописка иднина во која се целосно забранети сите зборови кои во барем еден контекст можат да звучат политички некоректни.