Португалија ги декриминализираше сите дроги – Ова е резултатот

Во 1990-тите, Португалија беше соочена со епидемија на дрогите, особено хероин. Генералната стапка на употреба не беше многу повисока од соседните земји, ама стапката на зависност беше запрепастувачки голема. Извештај во 2001 година покажа дека 0.7 проценти од популацијата на земјата користела хероин барем еднаш – втора највисока стапка по Англија и Велс во Европа. Па така, во 1998 година, Португалија состави специјална комисија од доктори, адвокати, психолози и активисти, чија цел беше да помогне во решавање на проблемот, главно преку предлози за нови полиси во борбата против дрогата. По 8 месеци анализа, комисијата ја советуваше владата да постапи радикално спротивно од вообичаениот пристап.

Наместо да одговори како повеќето други влади, со легислативи за нула толеранција и акцент на строги закони и нивно спроведување, комисијата предложи декриминализација на сите дроги, од „трева“, па до хероин. Паралелно со декриминализацијата, предложи и акцент на превенција, едукација на населението, и редукција на штетата. Целта беше да се реинтегрира зависникот назад во општеството и заедницата, наместо да се изолира во затвори – што е најчестиот чекор на владите. Две години подоцна, португалската влада го прифати предлогот на комисијата и го претвори во закон.

Специфичните полиси предложени од комисијата почиваат на сосема различна филозофија од вообичаената. Наместо третирање на зависноста како криминал, се третира како медицинска состојба. Како што објасни еден од претставниците на комисијата, целта на новата полиса е борба со болеста, а не со болните/пациентите.

Декриминализација не значи легализација

Легализацијата ги отстранува сите криминални казни за производство, продавање и поседување на дрога, додека декриминализацијата само ја елиминира затворската казна за корисниците на дрога. Шверцерите на дрога и дилерите и понатаму се криминално гонети, но на корисниците се гледа како на болни, а не како на криминалци. Околу 25 земји ги имаат отстрането криминалните казни за поседување на мали количини од одредени или сите други. Ниту една земја не се обидела со целосна легализација.

Кога полициските служби во Португалија ќе фатат некој кој поседува количина помала од 10-дневна доза од одредена дрога, корисникот на дрога оди пред административен панел со три члена, составен од адвокат, доктор и психолог. Во справувањето со корисникот, тие имаат само три избори: да му препишат третман, да го казнат (парично или со општествена работа), или да не преземат ништо.

Паралелно, Португалија интензивно инвестираше во широко-распространета превенција и напори за едукација, како и за рехабилитациони програми, замена на (стари со нови) игли, и болници.

Резултатот?

Стапката на консумација на дрога во Португалија сега е меѓу најниските во Европска Унија. Не многу изненадувачки, декриминализацијата на поседувањето мали количини резултираше и во драматично намалување на бројот на апсења поради дрога, од повеќе од 14.000 годишно до 6.000 откако беа воведени новите полиси. Процентот на осудени поради криминални дејствија под влијание на дрога во затворите исто така опадна – од 44% во 1999-та до под 21% во 2012-та.

Тоа овозможи пренасочување на средствата претходно користени за апсење и затворање на зависниците, токму во превентива, едукација и помош. Со тоа Португалија не само што го подобри проблемот со дрогата, туку создаде и поздраво општество.

Поздраво и во буквална смисла. Борбата против инфекцијата со ХИВ во реонот исто така извлече голема полза. Пред законот, повеќе од половина од Португалците заразени со ХИВ беа зависници од дрога. Секоја година имаше по 3.000 нови. Денес, од тие со ХИВ, само околу 20% се нарко-зависници. Стапката на корисници на хероин кои ја инјектираат дрогата е намалена од 45% на 17%. Таквата стапка е особено важна кога станува збор за заразните болести кои произлегуваат од користењето на дрога. Смртните случаи како последица на дрога се опаднати од 80 во 2001, на 16 во 2012-та.

Што всушност се случи?

Стратегијата на комисијата и португалската влада ги охрабри зависниците да го напуштаат пазарот на дроги и да излезат од магичниот круг, и наместо тоа да побараат помош и третман. Од една страна, тоа беше остварено со пренаменување на средствата за затворски казни за зависниците, во средства за помош за овие лица. Од друга, самата декриминализација ја тргна стигмата кон зависниците, која знае да биде клучната пречка за еден зависник да побара помош. На крајот, бројот на лица регистрирани за рехабилитација порасна од 6.000 во 1999-та, на повеќе од 24.000 во 2008 година.

Сето ова е основна економија. Што повеќе луѓе бараат помош, толку помалку корисници има, а со тоа и помала побарувачка за дрога. Штом побарувачката опаѓа, тие што го снабдуваат пазарот со дрога бележат лукративен пад на нивните бизниси и со тоа губат интерес за пазарот и го напуштаат.

Што може да се научи?

За разлика од Португалија, САД на пример, веќе долго време водат ригорозна војна со дрогата од сосема спротивната перспектива – со фокус на строги закони и казни. Додека борбата против дрогата во Португалија обично ја предводи доктор, во САД обично е правник. Додека сите клучни негативни стапки во Португалија опаѓаат, во САД остануваат непроменети во последниве 10 години. Секоја година, во САД се апсат 1.5 милиони луѓе поради некаква вмешаност на дрога. 80% од нив – за чисто поседување. Пола од затворските казни се поврзани со дрога.

Некаде на почетокот на 2014-та, британската влада спроведе 8-месечна студија во која беа споредувани законите и стапките на користење на дрога во 11 земји, меѓу кои и Португалија. Извештајот заклучи дека „во потрагата по факти, не е најдена видлива или забележителна поврзаност меѓу строгоста на законите на една земја – и стапката на користење на дрога“.

- Реклама -