Знаевте дека Бисти Бојс имаат и кантри албум?

Во 1990-тите, од одредени ќошиња на музичката инди сцена, исплива чуден мал жанр кој порталот Dangerous Minds го нарекува „срање кантри“. Се работеше за кантри музика направена на мајтап, со голема доза на иронија, и по малку и презир, без ни малку труд да биде соодветно сработена, отсвирена, или отпеана.

Во 1996-та, на пример, алтернативниот американски рок бенд Ween направи албум насловен „12 Golden Country Greats“ (на кој имаше 10 песни). Бендот отиде дотаму што најми неколку искусни кантри музичари од Нешвил да ги изработат песните, без да им каже дека албумот е заебанција на сметка на кантри музиката. Гласините се дека музичариве биле многу лути кога го чуле крајниот производ. За фановите на Ween, тоа ја прави целата ситуација уште посмешна. А самиот албум е ем несериозен, ем демонстрира извонредно кантри музикантство.

Како и да е, скоро четири години подоцна, Бисти Бојс (веројатно) се собраа во студио и во едно-две попладниња снимија новогодишен подарок за неколку стотици нивни најблиски пријатели – во форма на кантри албум. За потребите на албумот, измислен е и фиктивен лик познат како „Кантри Мајк“, што веднаш алудира дека поголемиот вокален дел му е препуштен на Mike D. Албумот е насловен „Country Mike’s Greatest Hits“ и содржи 13 полусериозни и гарантирано забавни кантри нумери.

Најинтересната е веројатно „Country Delight“, која се служи со основата од бесмртната класика на Sugarhill Gang – се разбира, „Rapper’s Delight“. Настрана сличностите во насловот, дури и самото име на Кантри Мајк може да е пародија на предводникот на Sugarhill Gang – Вондер Мајк.

Албумот никогаш не беше официјално објавен, но се покажа како многу вреден за колекционерите. На еBay чини и до 400 долари. Единствената референца кон албумот се двете траки на компилацијата на Бисти Бојс The Sounds of Science, каде ќе налетате на „Railroad Blues“ и „Country’s Mike Theme“, и интервјуто на почетокот на видеово.

Адам Јаук (MCA), во интрото на албумот раскажува како всушност настанал:

„Некое време откако излезе Ill Communication, Мајк беше удрен во главата од голем непознат објект и го изгуби сето свое памтење. Како што му се враќаше, тој почна да верува дека е кантри пејач по име Кантри Мајк. Психолозите ни рекоа дека ако не играме според фантазијата на Мајк, тој може да се најде во смртна опасност… На крајот, конечно му се врати разумот.

Оваа песна (Railroad Blues) e една од многуте кои ги направивме во тој трагичен период“.

- Реклама -