Контроверзниот психолошки експеримент кој и пола век подоцна дава исти резултати

Ако сте учеле психологија или социологија, веројатно сте запознаени со експериментот на Милграм – контроверзна серија од експерименти од 1961 година, кои покажаа дека волонтерите би повредиле друго лице ако авторитетна фигура побара тоа да го направат.

Експериментот на Милграм прерасна во еден од најконтроверзните и најпознати психолошки експерименти на сите времиња, а денес, повеќе од 50-тина години подоцна, тим од истражувачи од Полска го повторија во модерна верзија. Резултатот е ист…

„Откако луѓето ќе дознаат за експериментите на Милграм, најголем дел од нив велат ‘јас никогаш не би се однесувал така’“, вели Томаш Грзиб – еден од психолозите од тимот од полскиот Универзитет за општествени и хумани науки.

„Нашата студија уште еднаш ја илустрираше моќта на ситуацијата со која се соочени субјектите, и колку лесно можат да се согласат на нешта кои ги сметаат за непријатни“.

[spoiler title=’Ако не сте запознаени со експериментот, кликнете на копчево’ style=’yellow’ collapse_link=’true’]

Експериментите на психологот Стенли Милграм се направени на универзитетот Јејл, инспирирани и започнати три месеци по почетокот на судењето на германскиот нацист Адолф Ајнхман за воен криминал. Милграм сакал да знае: „Можно ли е Ајхман и неговите милион соучесници во Холокаустот само да следеле наредби?“.

За да го испита тоа, поставил експеримент во експеримент, во кој од волонтерите, надгледувани од авторитетна фигура (наводно истражувач во бел мантил, а всушност колега на Милграм), се бара да му даваат електро шокови на лице во соседна соба – кое можат да го слушнат, ама не и да го видат – секогаш кога тој човек ќе одговори погрешно на поставените прашања. Се работи за тотално несуштински прашања – практично играат „меморија“. Секој од волонтерите бил соочен со 30 различни копчиња што може да ги притисне, секое со различна волтажа. Шоковите почнувале од прилично безопасни 15 волти, но оделе сé до опасни 450 волти, за кои волонтерите биле предупредени дека сериозно ќе го повредат лицето што ги прима. Тоа што тие не го знаеле е дека машината не прави ништо друго освен неколку груби машински звуци и светлосни ефекти, а човекот во другата соба е професионален актер и дел од експериментот, кој глуми дека го боли, во зависност од јачината на зададениот „шок“. Притоа, постојано тука била „авторитетната фигура“ да инсистира дека мораат да продолжат со интензивирање на електро-шоковите, бидејќи „е клучно за експериментот“.

Некои од испитаниците едноставно одбиле или вербално протестирале против продолжување со „експериментот“. Некои и си заминале. Всушност сите испитаници ја имале таа опција на располагање во било кое време, и во ниту еден момент никој на ништо не ги приморувал. Сепак, две третини се придржувале на барањата.

[/spoiler]

Најпознатиот од експериментите на Милграм покажа дека 65% од 40-те волонтери ги следеле „наредбите“ и отишле до максимумот од 450-волтни електро-шокови кои му ги задавале на лицето во другата соба, и покрај неговите лелеци од болка и молбите шоковите да запрат. Вкупно две третини се покорувале на барањата на авторитетната фигура.

Низ годините потоа, се јавија истражувачи што тврдеа дека методологијата на Милграм била несистематска и неконкретна, и дека ги манипулирал податоците. Сепак, оттогаш се спроедени варијанти на неговиот експеримент низ целиот свет, и сите со прилично конзистентни резултати.

Разликата во овој експеримент на полските психолози, е тоа што таков експеримент никогаш досега не бил спроведен во Централна Европа, најмногу поради чувствителноста на темата.

„Нашата цел беше да испитаме колку високо ниво на послушност ќе откриеме меѓу жителите на Полска“, вели Грзиб, алудирајќи на тоа дека Полска беше една од најпогодените од Холокаустот, и со други зборови – дека лекцијата би требало да е научена.

Во оваа модерна верзија на експериментот, полските истражувачи регрутирале 80 партиципанти (40 мажи и 40 жени), на возраст меѓу 18 и 69 години. Како и во тестовите на Милграм, и овде волонтерите биле охрабрувани од „истражувач“ да му задаваат електро шокови на некој во другата соба. Впрочем, сé било исто, освен што сега имало 10 копчиња со помала волтажа, наместо 30-те на Милграм – со цел да се направи експериментот поетички (оригиналниот експеримент на Милграм претрпе сериозни критики на тоа поле – заради стресот на кој биле изложени испитаниците).

На крајот, 90% од волонтерите ги следеле „наредбите“ и ја нанеле највиската вредност на електро-шокови. Резултат што во суштина е ист со бројот на испитаници кои во експериментот на Милграм стигнале до 10-тото копче.

„Половина век по оригиналното истражување на Милграм на тема покорност кон авторитет, запрепастувачко мнозинство од субјектите сé уште се согласни да му задаваат струјни удари на беспомошно лице“, заклучува Грзиб.

Единствената и мала утеха во целава работа е што и експериментите на Милграм, и овие на полските научници, се направени врз реално мали репрезентативни примероци, па резултатите можат да варираат ако зборуваме на ниво на цело човештво.

И за крај, секако, ако не сте го гледале документарецот на Милграм посветен на неговиот експеримент (насловен „Obedience“), да го гледате.

https://youtu.be/ek4pWJ0_XNo

Или ако сакате (и) помалку документарна, а повеќе филмска верзија, гледајте го Experimenter.

- Реклама -