Дедо ми, вдовец

Харалд Петерсон се заљубил во Хјордис уште првиот пат кога ја видел. Живееле на две блиски фарми во едно шведско село. Харалд имал 20, а Хјордис 15 години. Годината била некаде околу 1940-та.

70-тина години подоцна, Харалд и Хјордис сé уште биле во брак, и сé уште многу вљубени. Ама Хјордис ненадејно починува. Нивниот внук, фотографот Ерик Симандер, се враќа во куќата во која пораснал неговиот татко, за да се грижи за дедо му.

Деновите со дедо му ги поминувал трчајќи по доктори, и внимавајќи Харалд да не излегува без јакна, со оглед на острата шведска зима. Ама во меѓувреме, и го фотографирал, документирајќи го секојдневието во кое за првпат во седум децении Харалд бил сам.

Харалд страдал од макуларна дегенерација како резултат на старост, и не можел да гледа ништо во средината на неговото видно поле. И слухот му бил оштетен. Но сепак, ги извршувал домашните обврски. Перел облека и ги хранел птиците. Во меѓувреме дремел, пушел од лулето, и слушал крос-кантри скијање на телевизија.

Имало моменти кога Ерик избирал да не го фотографира дедо му. Не го фотографирал кога плачел за неговата сакана, на пример. Внимавајќи да не му ги премине границите, ама и за да се заштити самиот себе од извесни спомени, имало денови кога воопшто не ја ни допирал камерата.

Не зборувале многу за Хјордис со внукот, барем не директно. Ама Харалд не пропуштил да му раскаже за денот кога првпат ја сретнал.

Харалд починал 13 месеци по смртта на Хјордис. Фотографиите на Ерик – собрани во серија насловена „Хјордис, ми недостасуваш“ –  се тестамент за нивната љубов и тагата на Харалд. Но истовремено станаа и начин за Ерик да го зачува споменот за нив, особено за дедо му.

Заради болеста на очите, Харалд никогаш не ги видел фотографиите, а Ерик сé уште не е сигурен зошто тогаш дедо му му дозволил да го фотографира во така тешки мигови. „Можеби едноставно сакаше некој до себе. И можеби јас ја исполнив таа празнина“.

- Реклама -