Европските зоолошки им ги сечат роговите на носорозите, за да ги заштитат

Неодамна во една француска зоолошка во околината на Париз се случи нешто страшно. (Лово)крадци наводно ја пробиле портата на задниот влез, пробиле уште две заклучени врати, се прикрале до кафезот на носорогот и го застрелале 4 години стариот носорог Винс – едно од најпопуларните животни во зоолошката, двапати во главата. Потоа со моторна пила му го исекле рогот и избегале незабележани пред да настапи утрото.

Алармирани од тој настан, раководителите на чешката зоолошка градина „Двур Кралове“ планираат да им ги „отстранат“ роговите на сите 18 бели носорози (загрозен вид) во градината, пред некои други крадци како париските да се решат на истиот чекор.

„Тоа е за добро на носорозите“, вели Андреа Јирусова – претставник на чешката зоолошка. „Нападот нé разбуди, опасноста е навистина голема“.

Јирусова вели дека ваква операција и друг пат им се прави на носорозите, било да е од здравствени или транспортни причини. За разлика од ловокрадците, ветеринарскиот тим исто така ќе ги исече роговите на носорозите со моторна пила, но претходно ќе ги успие со анестезија. Клучната разлика е што носорозите ќе останат живи и здрави, а роговите и онака пак ќе им пораснат. Досега таква операција не е правена со цел да се обесхрабрат ловокрадци.

Ловокрадците во дивината одат до разни крајности за да се докачат до профитабилно парче од животно – дури се случува и да трујат слонови со цијанид. Но нападот во француската зоолошка е прв таков случај во Европа. Ги шокираше и биолозите и експертите, ама и сите останати. Настанот не ја исплаши само чешката зоолошка. Pairi Daza Zoo во Брисел го направи истото. Нејзиниот претставник истакна дека мерката има цел не само да ги заштити носорозите и другите животни во зоолошката, туку и персоналот на обезбедувањето.

Тоа во Париз е прв ваков случај на напад на зоолошка, но се надоврзува на низа случаи со кражби на рогови од носорог од многу европски музеи. Полицијата смета дека и зад убиството на Винс стои организиран шверцерски ланец – не е лесно да прекачиш 3.5-метарска ограда, да обиеш две врати, и да убиеш носорог од неколку тона, макар и со пиштол. Треба да си професионалец.

На црниот пазар, рог од носорог се продава по околу 60.000 долари кило. Тоа значи дека вреди повеќе и од злато или кокаин. Побарувачката главно доаѓа од Кина и Виетнам, каде рогот на носорогот се користи во традиционалната медицина, а важи и за афродизијак. Еден рог може да тежи и до 4 кила (составен е целосно од кератин – супстанцата од човечките влакна и ноктите) – тоа се 240.000 долари.

Бројот на дивите носорози вртоглаво опаѓа. Се проценува дека вкупната популација е 25.000. Секоја година се убиени по околу 1.400, најмногу во Јужна Африка, ама и во Азија и Индија.

Во некои делови од светот, веќе се случува и обратното – ловокрадците да бидат ловени. На пример, во националниот парк Кругер во Јужна Африка, вооружените ренџери имаат убиено скоро 500 ловокрадци во последните 6 години. Во Мозамбик, на чија граница се наоѓа националниот парк, во 2014-та се убиени 1000 носорози. Тоа е алармантно зголемување во однос на 2007-ма, кога се убиени „само“ 50, и прецизно го опишува загрижувачкиот пораст на убивање на носорозите, од кој профитираат и сé повеќе криминални и терористички организации низ светот.

Во африканските национални паркови, превентивното сечење на роговите се покажа како единствена ефикасна мерка против ловокрадците.

 

- Реклама -