Во филмот „Марсовец“, астронаутот Марк Ватни (Мет Дејмон) на Марс прави фарма и почнува да одгледува компири за да преживее. И како и во многу други примери, изгледа филмската научна-фантастика повторно ја предвиде иднината, или пак знае нешто што ние не знаеме, зашто по сé изгледа дека такво нешто навистина ќе биде можно ако луѓето некогаш го колонизираат Марс. Научниците од Интернационалниот центар за компири (да, стварно постои, и се вика International Potato Center т.е. CIP) успешно одгледаа компири во синтетичка почва – имитација на почвата на Марс.
CIP го започнал проектот со одгледување на компири на Марс во февруари 2016-та, во Лима, Перу, за да види како компирите би растеле и би преживеале во условите на Црвената планета. Позитивните резултати соопштени во средата отвараат нов свет на можности за вонземска агрикултура, кои ќе им овозможи и олесни на идните генерации да живеат на други планети, и тоа со полн стомак.
„Прашањето што сакаме да го знаеме е, дали можеш да одгледуваш храна на Марс“, вели Крис МекКеј од Ames Research Center-от на НАСА. „Компирите се добар пример за добра храна. Јадеме многу компири. Има многу истражувања врз компирите како култура која би поддржала живот. За оваа конкретна култура, би сакале да знаеме во колку блиски услови до тие на Марс би можела да расте“.
Зошто баш компири? Научниците ги преферираат зашто компирите имаат висок генетски капацитет за адаптирање на екстремни животни средини. Претходно CIP одгледа компири што можат да толерираат услови предизвикани од климатски промени, како соленост на почва или суша. За овој експеримент, научниците одгледале компири во почва од пустината Pampas de La Joya во јужен Перу, која е сува и слична на почвата на Марс.
Овие компири биле одгледани во таканаречен CubeSat – контејнер-капсула со почва и корени од компир, како и сензори и камери за мониторинг на условите. Во контејнерот се доставува вода богата со нутриенти, а се прави и симулација на температурата, воздушниот притисок и атмосферата на Марс. Со продолжението на експериментот, научниците ќе дознаат кој вид на компири би растел најдобро, и кои минимум услови би му биле потребни, вклучувајќи и ниски притисоци и ниски температури. Притоа, експериментот ќе има и практична корист за Земјата, со тоа што научниците ќе тестираат дали компирите можат да растат во евентуалните екстремни услови што би ја опфатиле Земјата како последица на климатските промени.
На Земјата, фармерите одгледуваат компири во топли услови, но на Црвената планета температурите и притисокот се многу пониски. Како и да е, ако компирите можат да ги поднесат условите на Марс, во иднина, ќе нема потреба од изградба на стаклени градини кои би ги симулирале условите на Земјата. Дури и да успееме да имитираме една-десетина од условите на Земјата, изградбата на стаклени градини ќе биде многу полесна, вели МекКеј.
Во моментов, астронаутите во вселената јадат сушена замрзната „вселенска“ храна. Но за долгите мисии такво нешто не би било практично, бидејќи на астронаутите им требаат повеќе нутриенти, а замрзнувањето ги намалува ресурсите. Дополнително, ако одиме на Марс, би ни требал обновлив начин на одгледување храна и производство на кислород; во спротивно, би останале без нив.
Проектот за Напредна технологија на храна на НАСА (Advanced Food Technology Project) работи на разни решенија со кои би се прехраниле астронаутите во вселената, истовремено минимизирајќи го отпадот и потрошувачката на енергија. Кога сега би испратиле екипаж на Марс, би морале да го натовариме бродот со 3.175 килограми храна. Одгледувањето на овошје и зеленчук значително би ја намалило таа количина. Дополнително, астронаутите би биле поздрави, но и посреќни кога не би морале постојано да јадат „вселенски сладолед“ (замрзната храна).
Според МекКеј, НАСА се надева во блиска иднина да го пренесе експериментот со компири на самиот Марс, каде што вистински ќе одгледува компири на црвената почва. Товарот што вселенското летало ќе треба да го понесе за таков експеримент е минимален.
„Би го направиле тој експеримент многу пред луѓето да стигнат на Марс. Првиот пат кога ќе одгледаме компири на Марс нема да биде за нечија вечера. Ќе биде за да се осигураме дека функционира“, вели тој.
Како и Мет Дејмон во „Марсовец“, и ние би можеле во иднина да живееме од компири на Марс, без многу да ја менуваме тамошната почва. Бонус ќе биде што нема да мораме да користиме ѓубриво направено од човечки измет, како во филмот.