Кристијан Волчев, кој претходно ви е познат како гитарист на македонскиот алтернативен рок бенд Греј (Grey) е професор по класична гитара, а музичко образование завршил на Факултетот за музички уметности во Скопје во 2013 година.
Тој неодамна го најави и почетокот на својот соло проект со реарaнжманот на македонската народна песна “Со маки сум се родила”. Најавува дека ќе следуваат уште неколку нови аражмани на македонски народни песни, но и неколку нови композиции во сличен стил, кои ќе се најдат на неговиот соло албум.
Идејата за овој проект ја добил во носталгично расположение по две години поминати надвор од дома. Свирејќи за своја душа различни верзии на “Со маки сум се родила” Кристијан почнал да размислува за начини на реаранжирање на македонскиот фолклор во класична гитара.
Стилот во кој е преработена песната е резултат на повеќе влијанија, односно претставува спој од класична гитара, фламенко и македонски фолклор. Основа на композицијата е класична гитара, што е негов примарен правец во музиката. За да се постигне саканиот звук близок до изворниот, вметнати се фламенко техники, кои Кристијан ги проучувал во слободно време. Огромно внимание има посветено и на интерпретирање на перкусивните звуци карактеристични за македонскиот фолклор. Синергијата на овие неколку правци содава еден сосема нов и современ стил во музиката, кој Кристијан планира да продолжи да го негува во иднина.
За Кристијан, помеѓу другото, овој проект претставува и еден вид на протест кон новиот и лесен начин на продуцирање музика без инструменти. Тој верува дека музиката треба да се отсвири, односно дека во неа треба да се вложи многу труд и знаење, за на слушателот да му се даде во најдобро издание. Покрај огромниот труд и време вложени во создавањето на неговата музика, таа е лесна за слушање и делува релаксирачки.
Аранжманот на песната го завршил во септември 2016 додека живеел и работел на Малта, а ја снимил во студио по враќањето во Македонија во октомври 2016. Набрзо потоа, заедно со Дарио Секуловски (камера и пост продукција), Лидија Мојсовска (режија) и Адријана Данчевска (современа танчерка) направен е и видео запис за песната, објавен овој понеделник.
Овој проект го работи паралелно со работата во бендот. Иако се два сосема различни правци во музиката, за Кристијан и двата претставуваат подеднаков предизвик и им пристапува со исто внимание и љубов.
Бидете во тек на фан страната на Facebook.