Распрснат на боливиските планини, на 4.000 метри надморска височина, градот Ел Алто е прекриен со неколку илјади ниски куќи кои потсетуваат на кутивчиња ќибрит, направени од тули, а со недовршени и неофарбани фасади, наредени крај прашливите и неасфалтирани патишта. Но во поново време, градот станува сé пообоен со црвена и окер боја.
Ел Алто всушност е толку мрачен, монотон и депресивен, што жителите почнаа да ги украсуваат фасадите со живи бои кога и да имаат прилика. Освен тоа, сé повеќе куќи се проектираат со чудни и невообичаени архитектонски форми.
Со еден збор, на Ел Алто му се случува архитектонска револуција. Главниот кривец е самоукиот архитект Фреди Мамани Силвестре, чија помпезност и избор на дречливи бои се на пат да го преплават целиот град.
Основан пред малку повеќе од еден век, Ел Алто беше само еден сиромашен кварт на периферијата на Ла Паз – административната престолнина на Боливија. Но во последните години Ел Алто го надраснува Ла Паз, претворајќи се во вториот најгусто населен град во земјата – зад Санта Круз. Санта Круз е една од највисоките метрополи во светот, и најбрзорастечкиот во Јужна Америка.
Промените во Ел Алто започнаа во 2005 година, откако беше избран актуелниот претседател на Боливија – Ево Моралес. Тој му даде поголема политичка автономија на племето Ајмара и ги охрабри да создаваат повеќе трговски претпријатија. Под раководство на Моралес, во последните десет години, бројот на тие кои живееја под границата на сиромаштијата се намали за повеќе од една третина. До 2012-та година, околу 1.2 милиони Боливијци преминаа во средната класа.
Архитектурата на Мамани се претвори во симбол на таа новооткриена надеж, и верба во економскиот процут. Дел од претставниците на Ајмара станаа толку богати, што веќе можат да си дозволат изградба на сопствени вили. Вилите што ги проектира Фреди Мамани Силвестре, пак, чинат меѓу 300.000 и 600.000 долари, а некои дури и повеќе. Така, за тазе збогатените трговци, делата на Мамани се симбол на социјален статус и престиж. Како расте бројот на богаташи, така расте и застапеноста на шаренилото на Мамани.
Досега тој има проектирано околу 60-70 згради во Ел Алто, а уште десетици се во процес на изградба. Самиот Мамани има уште поголеми мечти за градот, меѓу кои и проектирање на плоштади, автобуски станици и булевари. Иако критичарите ги отфрлаат и класифицираат неговите смели бои и екстравагантни проекти како кич, други го споредуваат дури и со Фриденсрајх Хундертвасер – австриски уметник, скулптор и архитект, познат по уникатниот стил.
Некои веруваат дека Мамани може да го направи истото за Ел Алто што го направи Антони Гауди за Барселона, или Оскар Нимајер за Бразилија – целосно да ја трансформира формата и естетиката на градот. А и самиот Мамани не е помал оптимист:
„За 20 години, половината од куќите тука ќе бидат изградени во мојот стил“, ликува тој.