НАСА финансира вебсајт кој овозможува потрагата за нови неоткриени светови на работ на нашиот соларен систем и во соседните меѓуѕвездени простори да стане јавна.
Новиот вебсајт, насловен „Backyard Worlds: Planet 9“, им овозможува на сите да се вклучат во потрагата. Тоа ќе го направат гледајќи кратки филмови составени од инфрацрвени снимки од WISE мисијата на НАСА.
„Растојанието меѓу Нептун и Проксима Кентаури, нему најблиската ѕвезда, е само околу 4 светлосни години. Многу од тој голем простор е сè уште неистражен“, потсетува главниот истражувач Марк Качнер – астрофизичар од НАСА во центарот во Мериленд. „Има толку малку сончева светлина во тој дел од системот, што дури и многу големите објекти одвај се гледаат. Но, со инфрацрвениот вселенски телескоп (WISE), се снимени објекти кои инаку би ги пропуштиле“, објаснува Качнер.
Токму со овој телескоп, во периодот од 2010-та до 2011-та година, направено е најсеопфатното истражување, или подобро речено – скенирано е целото небо. Мисијата повторно е активирана во 2013-та година, за да може НАСА да ги идентификува потенцијално непознатите објекти на периферијата на нашиот соларен систем.
Така, во 2016-та година, астрономите во Пасадена во Калифорнија, дојдоа до сознанија дека поголем број на соларни објекти имаат орбитални карактеристики, што укажува дека се под влијание на гравитацијата на некоја сè уште неоткриена планета, која научниците ја нарекоа Планета 9. Ако таа навистина постои, можно е да ја откриеме баш преку податоците добиени со помош на инфрацрвениот телескоп. Би требало да изгледа малку синкасто.
Што отприлика треба да правите со кратките филмчиња? НАСА го објави следниов примерок од колекцијата на снимки, за да демонстрира како всушност изгледа потрагата. Компјутерите во денешно време се страшно прецизни и ова ќе звучи чудно, но човечкото око е подобро во препознавањето на објекти што се движат, а притоа да го игнорира останатиот дел од „вревата“ (noise) во приложените слики. Според НАСА, ова е слично на техниката што Клајд Томбау ја користел за да го најде Плутон во 1930-тата.
Па, тоа е. НАСА сака што повеќе очи вперени во снимките од проектот Backyard Worlds (во превод „Светови во дворот позади куќата“), па токму затоа и ги поканува сите да земат учество.
Приклучете се во потрагата ТУКА.