Ако некогаш сте замислиле ситуација која би ве принудила на тоа да се оддадете на канибализам, веројатно сте помислиле на баш тешки околности. Да речеме: на вашата единица и снемува храна додека Германците бомбардираат, температурата е под нулата, а од почетокот на војната веќе сте ги изеле сите куќни миленици и животните од зоолошката градина, па дури и кожените ремени што до скоро ви ги држеа панталоните. Или, дека сте изолирание некаде усвет без храна и вода, а самошто ви починал и последниот сопатник кој цело време жестоко одбивал да јаде човечко.
Ако сте размислувале за историските ситуации во кои други луѓе стануваат канибали, веројатно сте мислеле на некакви слични сценарија на овие горните. Или пак, актерите во нив се психопати. А сепак, зоологот Бил Шут, во својата книга „Совршено природната историја на канибализмот“, вели дека човечкото месо не е оброк само во случаите на насилни злосторства или кога се умирало од глад.
За да го унапреди нашето сфаќање за канибализмот, кое во јавноста варира, според Шут, од „сензационалистичко срање“ до академски студии, тој го набљудувал животинското царство, и ги применил изведените заклучоци на познатите примери на канибализам кај човекот. Го истражувал и настанувањето на западното табу кон јадењето човечко месо, според кое тоа е нешто незамисливо.
Но опсежното дело на Шут ни прикажува бројни примери на не-баш-незамислив канибализам: од кинеските деца кои „им ги нудат деловите од своите тела на постарите за да ги изедат“, со тоа искажувајќи почит кон претците, па до младите мајки кои денес своите плаценти ги миксираат во блендер за да направат освежувачко смути.
Vice разговараше со авторот околу истражувачкиот процес (меѓу другото и за потребите на книгата), како и за канибализмот во иднина т.е. иднината на канибализмот.
„Како зоолог, бев многу изненаден кога сфатив до која мера е канибализмот застапен во животинското царство. Постојат големи групи во кои таа појава е ретка, но ги има и тие – риби, инсекти, пајаци – во кои се случува скоро по правило. А кај луѓето, најмногу ме изненади колку бил застапен канибализмот со стотици години, сè до раниот дваесетти век“, раскажува Шут.
На прашањето кој е најсвежиот пример на канибализам на кој наишол, Шут ја издвојува плацентофагијата. „Бидејќи канибализмот традиционално се практикува во краевите во кои влијанието на западната култура е ограничено, сметав дека денешните Кинези ќе бидат најсвежиот пример. Но, се покажа дека тоа не е случај – најновите се разните хипи групации од 70-тите, односно поборниците на алтернативните гранки на медицината кои тогаш биле основани. Не знам точно колку луѓе го прават тоа, но некој мал процент смета дека во канибализмот има медицински предности“.
„А предности нема, така?“, прашува Vice.
„Ако ништо друго, постои барем плацебо ефектот. Жена со која разговарав во Тексас беше убедена дека плацебо ефектот е клучот. Исто така таа смета дека плацентата (или по нашки, постелка) која не е термички обработена содржи женски хормони – прогестерон, естроген – кои се на ниско ниво по породувањето. Таа мисли дека конзумацијата на плацентата го решава проблемот со постнаталната депресија, или дека генерално го подобрува расположението“. Но сите тие хормони, тоа се протеини, така што се губат при термичка обработка на плацентата. Затоа, некои ја пијат во облик на шејк/смути, додава Шут.
Канибализмот како изговор за колонизација
Шут наведува дека колонизаторите го користеле канибализмот како еден вид изговор за да ги елиминираат домородците – канибалите се сметани за дивјаци, што им давало право на Европјаните да им ја земат земјата, да ги истребат и сл. Оттаму, Vice прашува од каде доаѓа тоа преоформено табу против канибализмот меѓу Европјаните.
„Јас сметам дека сè почнало од Хомеровата ‘Одисеја‘. Киклопот-човекојадец по име Полифем го заробува Одисеј и неговиот екипаж со намера да ги изеде. Сè од Хомер, значи некаде од 8-от век п.н.е., почнува да се тркала цела лавина, сè додека целата култура не го усвоила ставот дека најлошото нешто на светот е да изедеш друг човек, дека тоа го прават чудовиштата. ‘Робинзон Крусо’, благодарение на Даниел Дефо, допринесе за оваа идеја, според која канибалите се нешто најлошо. Тука некаде и браќата Грим почнале тоа да го надоврзуваат на приказната: Не само што човекојадството е нешто страшно, туку вас, деца, ако не бидете добри, нешто ќе ве изеде!“, објаснува Шут.
Колку повеќе зајакнувала идејата на Западот, толку повеќе канибализмот исчезнувал како последица на неговото ширење. „Ако канибализмот е нешто најлошо, тогаш сè што им правиме на канибалите е оправдано, бидејќи тие веќе не се човечки суштества“ била главната премиса на европскиот колонијализам.
Значи, кој се гади од канибализам, тој е за колонијализам?, прашува Vice.
„Не би рекол. Уште откако децата научуваат да читаат, им се всадува страв дека да се биде канибал е најлошото нешто на светот, така што не ни размислуваме зошто некои племиња ги јадат своите мртви наместо да ги закопуваат“, вели Шут. А во реалноста, постоеле домородци на кои многу поодвратно им звучела идејата да ги закопуваат мртвите тела под земјата (која патем ги снабдувала со плодови со кои се хранеле), како што им предлагале антрополозите и мисионерите. „Така што, не си колонијалист ако се противиш на канибализмот, но си под влијание на западната култура“, дециден е Шут.
Културален канибализам
Канибализмот не е културален ако е предизвикан од стресна ситуација – глад во изолација, на пример, објаснува Шут. Културалниот канибализам е традиција која се учи, според која да го изедеш лешот на саканата личност значи да го ослободиш нејзиниот дух да го напушти овој свет, или да присвоиш нешто добро од него. Тука е и кулинарската варијанта – некои владетели едноставно го сакале вкусот на човечкото месо.
Историјата на кинеските династии е долга и добро документирана – таму не важеле западните табуа, па хроничарите не ги криеле „спорните“ детали. „Откривме многу примери во кои се зборува сосема рутински за владетелите кои ги јаделе своите конкубини. А во времето на ренесансата, епилептичарите чекале во ред кога им се укажувала прилика да цицаат крв од свежо убиен човек – се верувало дека тоа ја лечи болеста. Колку понасилна смрт, толку поголема вредност имале деловите од телото.
Која е вистинската нутритивна вредност на човечката крв и месо? Ни паѓаат на ум крвавите колбаси – кои содржат многу железо. Зошто да не ги правиме од човечка крв? – прашува новинарот на Vice.
Би можеле, одговара Шут. „Ама ако мислите на лек за епилепсија, тоа би било заблуда“.
„Сакате да кажете дека нема важна разлика во хранливата вредност, споредено со сè друго“, заклучува Vice. „Па тогаш…“
… Има ли иднина за канибализмот кај луѓето?
„Ако како пример се земе животинското царство, освен заради причините кои не би ги очекувале (родителство или репродуктивно однесување), пренаселеноста и недостатокот од други извори на исхрана – и двете резултираат со канибализам. Луѓето во такви околности, тоа е добро познато, прибегнуваат кон канибализам: Донеровата група, рагби тимот на Андите, Русите под опсада во Втората светска војна… Ништо од тоа не е научна фантастика. Канибализмот, може да се рече, е нормална реакција на екстремни услови во животното опкружување.
Има луѓе кои нема да бидат спремни да јадат мртви тела – таквите ќе умрат од глад. Има луѓе кои ќе бидат спремни да јадат мртви тела – таквите ќе убијат за да избегнат глад и да преживеат. Постои низа од етапи кои се случуваат во ситуација на изгладнување, а на крајот на таа низа се наоѓа токму канибализмот. Може ли повторно да се случи? Апсолутно. Дали би било страшно? Мислам дека да – освен конзумирањето на мртви тела и убивањето, треба да се мисли и на заразите кои произлегуваат од канибализмот, како што се болеста куру и кравјото лудило…
… Кога ја пишував книгата, се трудев да избегнам сензационализам, а кога се приближив до крајот, си помислив ‘ваљда нема сега да ставиш некој хепи-енд’. Затоа почнав да мислам на иднина во која вакво нешто повторно би било можно. Мислам дека треба да се биде свесен околу тоа“, заклучува Шут.