Од 16 до 19 февруари, во организација на Британскиот совет и Младинскиот културен центар, ќе се случува единствениот меѓународен фестивал на британски филм – PlayUK. Публиката во шест градови во регионот ќе може да проследи десет премиери на филмови на британски автори, кои привлекуваат големо внимание на најпознатите филмски фестивали во светот.
Фестивалот ќе се отвори со филмот „T2 Треинспотинг“, кој ги обединува оригиналните ликови на еден од највлијателните филмови од деведесеттите години.
Десетте филмски премиери ќе бидат прикажувани точно во исто време во Скопје, Белград, Подгорица, Призрен, Сараево и Тирана – ширејќи го британскиот филмски жагор на Балканот.
Тематски, PlayUK има повеќе нивоа. Бидејќи светот се соочува со брзи промени, а политиката воспоставува нови односи на целата планета, целта на организаторите е да вклучат филмови што ја слават човечката издржливост и способност да најде одговори и решенија во тешките ситуации.
Другото ниво на фестивалот е силното влијание на британската музика во овој дел од светот. Затоа ќе се прикажуваат филмови што се фокусираат на музика, музички бендови, нивното наследство и влијание на нашите општества.
Конечно, PlayUK го слави филмот како уметничка форма, медиум приспособлив на промените предводени од новите технологии. Филмот постојано се менува и си го пронаоѓа патот во понатамошното зближување на публиката.
Официјална страна: http://www.britishcouncil.mk/PlayUK