Да, паднати метеорити можат да се најдат насекаде по Земјата. Но во целата историја имаат погодено само една жена – Ен Хоџис.
Се случило на 30 ноември 1954 година, додека Ен дремела на каучот во својата дневна соба во Sylacauga, Алабама. Како гром од ведро небо, одеднаш била удрена од 3.8 килограми тежок метеорит. „Необичниот предмет“ со големина на топка го пробил кровот, се одбил од радиото на ормарот и удрил во бедрото на Ен. Ја оставил со голема модрица и еден куп прашалници.
Сведоците од Sylacaugа изјавиле дека го виделе самиот пад на метеорот. Најмногу ги имало од drive-in киното спроти куќата на Ен, кое по некоја зезната случајност се викало „Космик“. Некои рекле дека виделе црвенкасто светло кое било следено од опашка од дим. Други опишувале некаква „огнена топка“. Како и да е, ги заинтригирало, па набрзо околу куќата на Ен Хоџис се собрала голема толпа. Најљубопитните, во обид да дознаат што се случило, дури и влегувале во куќата без прашање. Сопругот на Ен – Јуџин, подоцна ќе изјави дека кога стигнал дома морал да се пробива низ луѓето за да стигне до својата сопруга.
Дел од луѓето типувале дека се работи за дел од авион или од некакво друго „злобно“ летало од советско потекло, но геолозите набрзо докажале – чудниот предмет е навистина метеорит.
Битка за сопственост
Веднаш штом се потврдило дека се работи за метеорит, почнала вистинска битка за „старателство“. Ен сметала дека има целосно право на каменот, бидејќи паднал во нејзината куќа и директно на неа не само заради случајност, туку зашто „Бог така одредил“. И една друга госпоѓа – Бирди Гај, сметала дека каменот ѝ припаѓа нејзе, затоа што била вистинската сопственичка на куќата, која Ен само ја изнајмувала.
Закон како закон, бил на страната на сопственичката на имотот, но јавноста не се сложувала и сите навивале метеоритот да ѝ биде вратен на Ен. Јавното мислење извршило притисок, па на крајот Бирди се согласила на судска спогодба, прифаќајќи ја понудата од само 500 долари (додуша тогаш со многу поголема вредност).
Откако конечно го потврдиле своето право на сопственост врз паднатиот метеорит, Ен и Јуџин Хоџис сметале дека ќе можат да го продадат за многу пари, ако не на некој друг, барем на музејот на Алабама. Иако биле во голем зијан, со оглед на големите судски трошоци за докажување на сопственоста, тие ги одбивале понудите непосредно по инцидентот, надевајќи се дека така само ќе пораснат. Но на толку одолговлекување, приказната веќе комплетно се „оладила“, а метеоритот престанал да биде мета на интерес. Со тоа пресушиле и понудите, а за да биде поиронично, пред на крајот да го дадат на музејот, Хоџис го користеле како потпирач за вратата.
Метеорит што ти удира во глава
Пред да ја удри метеорит, Ен била просечна жена и домаќинка од мало место каде ништо значајно не се случувало. Со метеоритот, Ен била во центарот на локалното, но и светско внимание. Но по истекот на нејзините 5 минути „слава“, работите тргнале на лошо.
Ен се чувствувала празно и потонала во депресија. Сé почестите кавги со сопругот Јуџин на крајот ја довеле до нервен слом. Се развеле во 1964 година. Според Јуџин, Ен никогаш не се опоравила од „метеорското лудило“. На крајот умрела сама и несреќна, во 1972 година, на 52-годишна возраст, заради компликации со црниот дроб.
Секогаш има некој што ќе се офајди
Вака гледано отпосле, метеоритот најмногу среќа му донесе на 50-годишниот фармер Џулиус Мекинли (црнец, ако е битно) – соседот на Ен и Јуџин Хоџис, кој на својот имот го пронајде другото парче од метеоритот. Иако неговото беше два пати помало од тоа што ја удри Ен, тој знаеше како да го „уновчи“. Тој веднаш нашол добар адвокат, кој пак му помогнал да испреговара добра цена и да му го продаде метеоритот на институтот Smithsonian.