Она мало, слатко и неодоливо кученце во излогот веројатно доаѓа од „фабрика за кученца“. Лошо е колку што звучи.
Вистината е дека најголемиот дел од продавниците за миленичиња во многу земји во светот функционираат на ист принцип, а невиното муце на кученцето во излогот е далеку од олицетворение на она што навистина се случува зад кулисите. Имено, најголемиот дел од кученцата доаѓаат од установи во кои кучињата се чуваат во кафези, често се запоставени и болни, и се приморани да се размножуваат и да „штампаат“ мали кученца кои подоцна се продаваат за профит.
Во меѓувреме, засолништата се полни со домашни и здрави кучиња кои завршиле таму затоа што сопствениците ги напуштиле заради развод или немање пари. Преполнетоста на засолништата води кон убивање на „вишокот“ кучиња, што на ниво на САД, на пример, значи по едно убиено кученце на секои 6 секунди т.е. околу 9000 дневно.
Чаре? Наместо да купувате миленичиња, посвојувајте. Ем ќе спасите живот, ем ќе добиете најдобар пријател, ем ќе застанете цврсто против експлоатацијата на животните и нехуманите тактики на бизнисот со миленичиња.